Тешки меѓусебни историски периоди и различни стереотипи - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Тешки меѓусебни историски периоди и различни стереотипи PDF Печати Е-пошта
Четврток, 23 јуни 2011 10:55

[Прес соопштение] megjuetnickite-odnosi-vo-makedonijaМЦМС спроведе сеопфатна студија на Охридскиот рамковен договор. Дел од таа студија е истражувањето на меѓуетничките односи во Македонија. МЦМС ќе ги објавува наодите и заклучоците во неколку делови. Истражувањето на меѓуетничките односи ќе биде објавено во четири дела: историски односи и стравови, предрасуди и стереотипи; почит на културата и споделена гордост; социјална близина; и општ квалитет на меѓуетничките односи. Сега го објавуваме првиот дел за историски односи и стравови, предрасуди и стереотипи.

Постои релативна споделеност на ставовите за историските односи меѓу мнозинските етнички Македонци и немнозинските заедници, вклучувајќи за постоење на подредена положба на немнозинските заедници пред 2001 г. и за тешки периоди во меѓусебните односи, како и за потребата од простување. Но постојат етнички разлики во перципираните причини, посебно за подредената положба на немнозинските заедници и за вооружениот конфликт во 2001 г.

Постои урамнотеженост во ставовите дека постоела подредена положба на немнозинските заедници пред 2001 г. (39,8 %) и дека не постоела (44,6 %). Скоро секој секој втор етнички Македонец (50,1 %) мисли дека не постоела подредена положба на етничките заедници, со што не се согласува, односно мисли дека постоела подредена положба скоро секој втор етнички Албанец (46,4 %). Граѓаните кои перципираат подредена положба на етничките заедници пред 2001 г., за водечка причина за таквата положба ја сметаат државната дискриминација на етничка основа (30,8 %). Понатаму следат етничкото/верско заостанување во културно ниво и самоизолација на немнозинските заедници (21,5 %) и недостатокот на почит кон немнозинските заедници (19,7 %). За повеќето припадници на немнозинските заедници водечка причина за подредената положба е државната дискриминација (етнички Албанци 55,2 %), а за етничките Македонци водечка причина е етничкото/верско заостанување во културно ниво и самоизолација на немнозинските заедници (29,5 %).

Мнозинството граѓани (58,0 %) смета дека постоел тежок период за немнозинските заедници. Граѓаните од секоја етничка припадност перципираат постоење на тежок период, вклучувајќи и повеќето етнички Македонци (46,2 %). Етничките Албанци имаат највисока перцепција за постоење на таков период (84,8 %). Тешките периоди се различни за различни групи. Најмногу граѓани како тежок период за немнозинските заедници го посочуваат периодот на немирите во Косово во 80-те (29,8 %). Меѓу етничките Македонци и Албанци постои споделена перцепција за тешките периоди. За етничките Турци најтежок период бил периодот на иселувањето во Турција (34,8 %), за етничките Срби тоа било по независноста на Македонија (34,5 %), за Ромите по 2001 г. (33,1 %), за етничките Бошњаци тоа бил периодот на Ранковиќ (31,2 %), а Власите имаат поделени ставови за тоа прашање. Најголем дел од перцепциите (68,1 %) се поврзани со периоди пред независноста на Македонија, а 22,1 % за периоди по независноста на Македонија.

Мнозинството граѓани (74,1 %) смета дека постоел период во кој немнозинските заедници имале непријателски/ сепаратистички став. Граѓаните од сите етнички припадности перципираат постоење на период со непријателски/ сепаратистички став, вклучувајќи и повеќето етнички Албанци (62,3 %). Етничките Македонци и Срби имаат највисока перцепција за постоење на таков период (80,3 %, односно 80,4 %). Најмногу граѓани како период со непријателски/ сепаратистички став на немнозинските заедници ја посочуваат 2001 г. (56,5 %), што е споделен став кај сите етнички заедници. Најголем дел од перцепциите (71,1 %) се поврзани со периоди по независноста на Македонија, а помал дел (22,2 %) за периоди пред независноста на Македонија.

Различни ставови за 2001 г. - дали правата можеле да се постигнат по мирен пат и кои се причините за вооружениот конфликт. Дека правата можеле да се постигнат по мирен пат смета скоро секој трет етнички Македонец (37,1 %) и Албанец (31,8 %), повеќето граѓани од друга етничка припадност (вкупно 36,8 % од граѓаните) и 65% од јавните/информираните личности. Но двајца од три етнички Македонци и Албанци имаат различни перспективи на вооружениот конфликт од 2001 г. Додека за 52,6 % етнички Албанци конфликтот е оправдана борба за човекови права, за збирно 53,3 % од етничките Македонци конфликтот е меѓународен заговор против Македонија (20,0 %), етно-сепаратистичка борба (16,9 %) и агресија од Косово (16,4 %). Јавните/информираните личности не веруваат во меѓународен заговор против Македонија.

Мнозинство граѓани (збирно: 62,4 %) е за простување (31,6 %) и заборавање на минатото (30,8 %), а 31,5 % се против тоа. Ставовите не се разликуваат по етнички заедници.

Мнозинството граѓани (62,7 %) и етнички Македонци (73,6 %) имаат одредени негативни перцепции (стравови, предрасуди) за немнозинските заедници, а наспроти 31,8 % граѓани, односно 21,0 % етнички Македонци кои сметаат дека немнозинските заедници не се закана за државата и општеството. Водечки негативни перцепции се: политика да се смени македонскиот карактер на државата (24,1 %), високата стапка на раѓање (12,5 %), непочитување на законот (10,8 %) и недостигнување на културното ниво на етничките Македонци (8,7 %). Големо мнозинство (83%) од јавни/информирани личности мисли дека немнозинските заедници не се закана за државата и општеството, а 9% мислат дека немнозинските заедници не го почитуваат законот.

...И негативни перцепции за мнозинството и државата. Урамнотежен е односот на граѓаните кои имаат одредени негативни перцепции (стравови, предрасуди) за мнозинската заедница (45,6 %) и граѓаните кои сметаат дека може да им се верува на етничките Македонци (41,5 %). Од друга страна 86,2 % од етничките Албанци имаат негативни перцепции за мнозинството и за државата. Водечки негативни перцепции се дека етничките Македонци се дискриминатори (19,7 %) и кршењето на правата од страна на државата (12,2 %). Стравот од државно насилство е став на незначително малцинство (5,0 %). 48% од јавни/информирани личности мисли дека може да се верува на етничките Македонци, а 13% мислат дека повеќето етнички Македонци се дискриминатори.

Етничките Албанци со натпросечна успешност, Власите со просечна, а Ромите со потпросечна успешност во бизнис, политика и култура. Етничките Албанци се перципирани како најуспешни во бизнис (+34,1 %), успешни во политика (+6,1 %) и помалку успешни во култура (-29,7 %). Етничките Роми се перципирани како помалку успешни во бизнис (-59,9 %), во политика (-67,2 %) и во култура (-71,7 %). Власите се перципирани како успешни во бизнис (+15,9 %) и помалку успешни во политика (-4,4 %) и во култура (-11,8 %).

Натпросечна успешност - македонската перцепција за етничките Албанци, додека етничките Албанци имаат себеперцепција за потпросечна успешност. Етничките Албанци себеси се перципираат успешни во бизнис (+13,5 %), не толку успешни во политика (-7,2 %) и во култура (-11,4 %) или збирно помалку успешни од просекот (-5,1 %) . Етничките Македонци ги перципираат етничките Албанци поуспешни од тоа што тие го перципираат самите за себе воопшто (+7,1 %) и во бизнисот (40,3 %), а помалку успешни во културата и уметноста (-39,6 %).

Разлики во перцепциите на успешноста на етничките Албанци – можна поврзаност со разлики во перцепции на постоење на подредена положба пред 2001 г. и причините за тоа. Разликата во перцепцијата на успешноста на етничките Албанци – меѓу себеперцепцијата за потпросечна успешност и таа на етничките Македонци за натпросечна успешност е можното објаснување на разликата во перцепциите на постоење на подредена положба на немнозинските заедници, меѓу етничките Македонци кои сметаат дека не постоела (50,1 %) и етничките Албанци кои сметаат дека постоела (46,4 %) (види дел 2. Историски односи, стр. 5). Разликата во перцепцијата на помалата успешност на етничките Албанци во културата и уметноста - себеперцепцијата и таа на етничките Македонци е можното објаснување за тоа што етничките Македонци за водечка причина за постоење на подредена положба е етничко/верско заостанување во културно ниво и самоизолација на немнозинските заедници, додека етничките Албанци сметаат дека тоа е државната дискриминација на етничка основа (види дел 2. Историски односи, стр. 6)

Тоа нé води до можните клучни етнички стереотипи. Македонскиот стереотип е „Албанците се натпросечно успешни, значи не биле во подредена положба и дискриминирани, а во културата се потпросечно успешни што води во нивно етничко/верско заостанување во културно ниво и самоизолација". Албанскиот стереотип „Албанците се потпросечно успешни и тоа е поради подредената положба во која се наоѓаат поради државната дискриминација на етничка основа".

Истражувањето е спроведено со усна анкета во домаќинствата во мај 2011 г. на национален репрезентативен примерок од 2.087 испитаници и он-лајн анкета со нерепрезентативен примерок од 24 информирани јавни личности во Република Македонија. МЦМС му ја довери усната анкета на Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС), чија одговорност беше и методолошката исправност на анкетата.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Тешки меѓусебни историски периоди и различни стереотипи