Децата во Кукуречани заслужуваат добри услови за учење - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Децата во Кукуречани заслужуваат добри услови за учење PDF Печати Е-пошта
Петок, 06 мај 2011 13:31

На 29 април 2011 година, на свечен начин беше означен крајот на реконструкцијата на ОУ Александар Турунџев во Кукуречани (Битола). Училиштето, со помош на Сокотаб, МЦМС и општината Битола доби сосема нови подрумски простории, со квалитетна надворешна изолација,  во кои се сместени работилницата за техничко образование, библиотеката и уште една нова училница. Буџетот на проектот изнесуваше нешто повеќе од 90.000 евра.

Децата во Кукуречани заслужуваат добри услови за учење

Учениците, наставниците и родителите не можеа да го скријат задоволството од добро завршената работа. „Денес е голем ден за нас“, рече во своето обраќање Даниела Цветковска, директорката на училиштето, „со овој проект обезбедивме услови во кои учениците безбедно ќе ја следат наставата“.

Здравјето и безбедноста на децата беа мотивот да се вклучи и МЦМС со средства од Сокотаб и општината Битола. Подрумските простории на училиштето беа во многу лоша состојба. Голема количина влага и ѕидови кои се во процес на распаѓање – тоа беше состојбата со неколку зборови. Кујната која беше сместена во тие простории не функционираше веќе три години. Работилницата за техничко образование се користеше до реновирањето, заради недостатокот на друга соодветна просторија. „Ситуацијата беше навистина лоша“, раскажуваше Борче Лажиовски,  домаќин во училиштето, „ѕидовите почнаа да се распаѓаат и од 50 см широчина се направија 30 см, а тоа се носечки ѕидови заради кои може да падне и целото училиште. Ѕидот во работилницата за техничко падна на час, едноставно се одлепи. Среќа беше што до него немаше деца, претходно го предупредив наставникот па тој ги помести клупите подалеку од ѕидот. Низ паркетот растеше трева, заради влагата. Проблемот според Лажиовски веројатно е резултат на лошата градба. Училиштето е направено во 1963 година и е заедничка градба на родителите и општината. Вградените материјали не биле доволно квалитетни, а не е направени ни соодветна дренажа, па влагата почнала да ги нагризува просториите. „Кога училиштето остануваше по неколку дена затворено, заради празници, не се стоеше внатре од мирисот на влага“, се сеќава домаќинот, „ се случуваше, во зима, кога ќе дојдам во понеделник рано наутро да го вклучам греењето, да влезам во вода до коленици“.  Иако тој постојано се обидувал да ги санира просториите, очигледно било дека станува збор само за краткотрајно санирање на големиот проблем.

Децата во Кукуречани заслужуваат добри услови за учење

„Кога прв пат го видовме училиштето ни беше јасно дека нема да се направи ништо со парцијален туку е потребен посеопфатен пристап, веројатно и повеќе време“, вели Димче Митрески од МЦМС. Затоа санирањето траело повеќе од една година, прво се направени истраги и подготвен е квалитетен технички проект што овозможило да се видат вистинските потреби и да се направи финансиската конструкција. Според Митрески, на тој начин полесно се мотивирала и општината да учествува во завршувањето на работите.

„Сега немам зборови како изгледа. Навистина темелно се реши проблемот“, вели Лажиовски. На разликата се осврна и Јигит Тунџел, извршниот директор на Сокотаб во Македонија, „ гледајќи како било порано и како е сега, мило ми е што нашата донацијата беше искористена на најдобриот начин. Ќе продолжиме со ваков тип проекти и ќе продолжиме да бидеме корисни за општеството“, додаде Тунџел.

Присутните на свеченоста ги поздравија и Димче Митрески од МЦМС и Владимир Талевски, градоначалникот на Битола. Тие им посакаа на учениците и наставниците уште многу успешни проекти и долги години да ги служи училиштето.  А учениците ги поздравија своите гости со убава фолклорна програма.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Децата во Кукуречани заслужуваат добри услови за учење