Преовладува позитивното мислење за граѓанските организации - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Преовладува позитивното мислење за граѓанските организации PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 14 Февруари 2011 15:07

[Прес соопштение] МЦМС спроведе повеќе истражувања за прашања од општествен интерес, меѓу кои и за довербата во граѓанското општество и за познавањето и мислењата за граѓанските организации.

Преовладува позитивното мислење за граѓанските организации

Според добиените резултати, црквите и верските заедници имаат највисока доверба од граѓаните (62,9 %) меѓу чинителите на граѓанското општество. Граѓаните, речиси 20 процентни поени повеќе им веруваат на црквите и верските заедници отколку на граѓанските организации (здруженија и фондации) и 40 процентни поени повеќе од синдикатите и стопанските комори. Умерено зголемување на довербата (5,2 процентни поени) е забележано кај синдикатите и стопанските комори.

Истражувањето покажа дека дел од граѓаните гледаат на граѓанските организации како на средство за остварување на личните интересите, „диригирани“ од странски држави и злоупотребувани од политички партии? Мнозинството граѓани (55,9 %) сметаат дека граѓанските организации се инструмент за остварување лични цели, наспроти јавен или поширок интерес (23,8 %). Дека се организирани и финансирани од странски држави сметаат 38,8 % од граѓаните, наспроти 34,3 % кои сметаат дека се израз на граѓански интерес. Мнозинство од 51,3 % сметаат дека политичките партии ги присвојуваат нивните ставови кога им се потребни, а кога немаат интерес ги осудуваат како блиски до другите, додека за скоро секој четврти граѓанин, граѓанските организации служат како гласноговорници на политичките партии. И покрај ова, малцинство од испитаниците (31,1 %) можеле да наведат конкретна организација зад која сметаат дека стои политичка партија.

Довербата се зголемува од општата доверба (42,5 %), кон довербата во посебните потсектори (58,5 %). Повисока од општата доверба имаат организациите кои работат со деца, млади и студенти, на лицата со посебни потреби, на жени и родови прашања, за животна средина и за спорт, хоби и рекреација.

Мнозинство од граѓаните (52,6 %) знаат успешни граѓански организации, што претставува умерено опаѓање во однос на 2008 г. Десетте најуспешни граѓански организации во 2010 г., според граѓаните, се: Црвен крст, Меѓаши, Ел хилал, Мост, ФИООМ, Разбуди се, Полио плус, МЦМС, СЗПМ и ХКЧП.

Во борбата против сиромаштијата според анкетираните граѓани први пет организации кои придонесуваат се: Црвен крст, Ел хилал, МЦМС, ФИООМ, Фондација Ренова. Во развојот на ма-лите и средни претпријатија, економски развој и вработување, придонесува МРФП, а во локалниот и рурален развој, ЗЕЛС. За развој на демократијата и човековите права први пет препознаени организации се ХКЧП, Меѓаши, Мост, Разбуди се, ФИООМ, а во борбата против корупцијата: Транспарентност Македонија, ХКЧП, Мост, ЗНМ, Разбуди се. Први пет организации кои го развиваат граѓанското општество се: ФИООМ, МЦМС, Разбуди се, Меѓаши, Мост; а во градењето мултикултурно општество: МЦМС, Разбуди се, Младински исламски форум, ФИООМ, ЗНМ.

Граѓаните имаат позитивно мислење за конкретни граѓански организации. Односот на позитивно/ негативно мислење за граѓанските организации е зголемен од 3,5 во 2008 г. на 4,9 во 2010 г. и е највисок од односот забележан во сите претходни години (4,4 во 2007 и 4,3 во 2006 г.). За неколку граѓански организации, како Меѓаши, Црвен крст и Полио плус, значително е зголемено позитивното мислење.

Истражувањето е спроведено со теренска анкета – интервјуа „лице в лице“ во домаќинствата во декември 2010 г. на репрезентативен примерок од 1.300 испитаници од страна на ИСППИ.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Преовладува позитивното мислење за граѓанските организации