Дневник: Велиу ќе го брани Косово пред Шврговски - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Дневник: Велиу ќе го брани Косово пред Шврговски PDF Печати Е-пошта
Петок, 13 јули 2007 01:00

Во ДУИ велат дека Велиу и' прави штета на партијата, но бидејќи му е вујко на Ахмети, само лидерот може да пресече до кога и дали ќе го толерира.

Пратеникот на ДУИ Фазли Велиу ќе биде повикан во Јавното обвинителство на службен разговор поради заканувачките изјави дека оружјето повторно ќе „проработи“ и во Македонија и во Косово. Ова вчера за „Дневник“ го изјави јавниот обвинител Љупчо Шврговски, најавувајќи дека е можно Обвинителството да поведе постапка против Велиу за повикување на насилно уривање на уставниот поредок на државата. Велиу за вчерашен „Дневник“ изјави дека „ако Албанците не бидат целосно рамноправни со Македонците и ако Косово не стане независно, и тука и таму ќе се врати оружјето.“

- Ќе го повикаме Велиу на службен разговор. Ако се потврди дека го изјавил тоа, против него ќе поведеме кривична постапка за повикување на насилно уривање на уставниот поредок и на загрозување на територијалната целина - изјави Шврговски.

Тој објаснува дека за Обвинителството да поведе постапка против него, мора да има докази оти тој навистина го изјавил тоа.

- Медиумите не ја снимиле неговата изјава така што нема докази што би биле појдовна основа за поведување постапка. Затоа преку разговорот со него мора да дојдеме до потврда дека тој навистина го изјавил тоа - објаснува Шврговски.

Велиу ни потврди дека е доследен во изјавите и дека не го променил мислењето.

- Подготвен сум во секое време да соработувам со институциите. Ако ме покани јавниот обвинител, ќе одам на разговор и ќе ги потврдам моите ставови. Ако Албанците немаат целосна рамноправност со Македонците во Македонија и ако Косово не добие независност логично е дека ќе се врати оружјето и тука и во Косово. Нема јас да ги организирам, туку поранешните борци на ОНА ќе се солидаризираат со борците на УЧК - вели тој.

Во ДУИ се оградуваат од изјавите на Велиу и велат дека сега на потег е лидерот Али Ахмети.

- Ситуацијата е симптоматична. Велиу и' прави штета на партијата, а, од друга страна, тој е вујко на Ахмети и само лидерот може да пресече до кога и дали ќе го толерира - вели висок партиски функционер.

Велиу вчера не се појави на презентацијата на проектот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), каде што беа презентирани резултатите од програмата „Ресоцијализација на поранешните борци“. Во програмата биле вклучени по 2.000 бранители и припадници на ОНА, или 20 отсто од учесниците во конфликтот од 2001 година, но вчера не дојде ниеден од нив за да посведочи колку успеале да се ресоцијализираат.

Ресоцијализација без контакти

Александар Кржаловски од МЦМС е задоволен од проектот „Ресоцијализација на поранешните борци“, бидејќи преку курсеви за англиски јазик и за за компјутери опфатиле 569 лица. Од 138, колку што биле на обука на работно место, 30 отсто останале на работа. Тој вели дека ја опфатиле најмаргинализираната група за да се намалат тензиите и да им олеснат за побезболно да се вклучат во општеството.

Бранителите и припадниците на ОНА немале меѓусебен контакт бидејќи двете страни процениле оти се' уште не е време за директна соработка. Во почетокот кај бранителите имало отпор оти сметале дека државата треба само ним да им помогне. Кржаловски не можеше да прецизира зошто во проектот се изедначени бранителите и припадниците на ОНА со терминот поранешни борци, туку се повика на меѓународната терминологија.

(М.Т.-Н.Н.С)

Извор: Дневник (13.Јули.2007)

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Дневник: Велиу ќе го брани Косово пред Шврговски