Институционален развој на граѓанското општество 2006-2008 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Институционален развој на граѓанското општество 2006-2008 PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 13 октомври 2008 15:00

Институционален развој на граѓанското општество 2006-2008Општа цел на програмата беше развој на ефективно граѓанско општество кое ги адресира приоритетните општествени предизвици и кое иницира и постигнува промени во општеството.

Целта на програмата беше да се креира овозможувачка околина и поддршка за понатамошен развој на граѓанското општество и да се подобрат резултатите на актерите на граѓанското општество во Македонија. Иако има индикатори за одреден напредок во однос на остварувањето на целта на програмата, детална оценка за нејзиното остварување, како и оценка за постигнување на општата цел ќе може да се добие по спроведувањето на истражувањето на Индексот на граѓанското општество во Македонија во 2009-2010 година.

Резултатите остварени со програмата се:

  • Подобра информираност на јавноста за активностите на ГО, што е предуслов за подобрено разбирање и прифаќање на граѓанското општество. Од истражувањата кои ги спроведе МЦМС е утврдено дека преовладуваат позитивни ставови за граѓанските организации и се подобрило познавањето за нив. Исто така во овој период има зголемување на бројот на посетители на веб-сајтот „Граѓански свет“ во однос на претходниот период.
  • Мало подобрување на правната и фискална рамка за ГО и за мобилизација на локални ресурси. Направени се измени на ЗЗГФ кои ја олеснуваат регистрацијата на ГО, но не решаваат други суштински прашања важни за ГО. Донесен е ЗДСЈД, но има проблеми во спроведувањето. Нема значајни промени во финансирањето од страна на државата.
  • Одредено подобрување на соработката помеѓу ГО. Повеќе ГО, посебно членките на ГПМ, заеднички спроведуваа активности. Има зголемен тренд на меѓусебно споделување на информации по електронски пат. Формирана е и нова мрежа - Македонија без дискриминација. Сепак, во односите меѓу клучните актери не е забележан напредок.
  • Иако беше планирано ГО да воспостават правила и принципи базирани на транспарентност, отчетност и демократија нема битни промени во оваа сфера. Внатрешната демократија и практикувањето на транспарентност сè уште се слаба страна на ГО. Има малку активности на оваа тема, а и кога ги има учеството во нив е мало. Во ГПМ е направен обид за уредување на меѓусебните односи со етички кодекс, но истиот не доби своја завршница.

Програмата опфати повеќе различни типови на активности: информации, истражувања, застапување и лобирање, обуки и консултации и вмрежување.

Во рамките на компонентата за информирање и јакнење на свеста беа спроведени следните активности: месечни изданија на списанието и веб страницата „Граѓански свет“, истражувачки публикации, две изданија на позитивни примери од граѓанското општество, водич за волонтерство, НВО Саем и пет регионални саеми, осум тематски форуми и истражување за довербата во граѓанските организации.

Во делот од програмата за подобрување на правната и фискалната рамка и локална мобилизација на ресурси беа спроведени следните активности: регионална конференција за правната и фискалната рамка, извештај за спроведувањето на стратегијата на Владата за соработка со граѓанскиот сектор, водич за ЗДСЈД и обуки на истата тема, брошура со преглед на даночните одредби за ГО и дебати на истата тема, публикација за концептот на ГО како испорачувачи на услуги, средби за промоција на соработката со бизнис секторот, истражување за соработката со ЕЛС, работилници за застапување и лобирање, прирачник за организации од јавен интерес и прирачник за економски активности на ГО.

Компонентата за вмрежување и партнерство меѓу ГО ја сочинуваа следните активности: координација на ГПМ од страна на нејзиниот Секретаријат (ЦГИ), веб страна и електронски билтен на ГПМ, истражување за мрежи, коалиции и чадорски организации и градење на капацитетите на членките на ГПМ за соработка и партнерство преку обука.

Делот од програмата за практики, принципи и стандарди за добро владеење, отчетност, транспарентност и саморегулација опфати: студија за транспарентност, отчетност и демократија во ГО, заедничко публикување на годишни извештаи на повеќе организации - Заедно за транспарентност, компаративна анализа на етички кодекси, прирачник и обука за добро владеење, раководење и финансиско раководење и прирачник за административно - финансиско работење на ГО.

Во првите две години програмата ја опфати програмата за работа на Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ) и се спроведе преку проектот „Поддршка на национален форум/платформа на граѓанското општество“, кој беше финансиран од Европската унија преку Европската агенција за реконструкција. Проектот со одлука на Комитетот на ГПМ беше раководен и спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со 8 организации членки на ГПМ. Покрај МЦМС, како координатори на групи од активности се јавија и: Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ); Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Центарот за стратегиски истражувања и документирање „Форум“. Активностите ги спроведуваа МЦМС, членките на ГПМ и други ГО.

Средствата за спроведување на оваа програмата беа обезбедени од Европската агенција за реконструкција (ЕАР), Данската црковна помош (ДЦА), Евангелската црковна помош (ЕЕД) и други донатори. Дел од програмските трошоци беа обезбедени од партнерите од ГПМ и од членарина во ГПМ.

Вкупните трошоци за програмата изнесуваат 44.066.665,6 МКД, а учеството на МЦМС изнесува 42.761.616 МКД или 97 %.

 

Завршени проекти:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Институционален развој на граѓанското општество 2006-2008