МЦМС стана полноправна членка на Глобалната коалиција на граѓанското општество за УНКАК - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

МЦМС стана полноправна членка на Глобалната коалиција на граѓанското општество за УНКАК PDF Печати Е-пошта
Четврток, 02 јули 2026 14:02

МЦМС го надгради своето членство во Глобалната коалиција на граѓанското општество за УНКАК и од асоцијативна стана нејзина полноправна членка. Ова претставува признание за долгогодишната посветеност на организацијата и дополнително ги засилува капацитетите за граѓански надзор и притисок во борбата против корупцијата.

UNCAC Coalition Member RGB Positive Wide

МЦМС активно соработува во изминатите години со оваа престижна глобална мрежа, работејќи посветено на имплементацијата на Конвенцијата на ОН против корупција (УНКАК) во Северна Македонија. Како дел од овие заложби, на национално ниво беа организирани повеќе работилници и консултативни процеси на кои директна вклученост и поддршка имаше токму од УНКАК коалицијата, со цел приближување на меѓународните антикорупциски стандарди до домашните институции, граѓанскиот и приватниот сектор.

Еден од клучните примери за оваа успешна синергија беше и неодамнешното заедничко учество на Единаесеттата сесија на Конференцијата на државите-страни на УНКАК (COSP11) во Доха, Катар. На овој значаен глобален настан, МЦМС заеднички со мрежата настапи на специјалната сесија „Инклузивни антикорупциски стратегии: траен импакт во Југоисточна Европа“. каде се истакна клучната улога на граѓанското општество во креирањето на долгорочни политики за борба против корупција уште од почетните фази на процесите.

Глобалната коалиција за УНКАК претставува моќна мрежа која обединува над 350 организации на граѓанското општество од повеќе од 100 земји ширум светот, посветена на промоција на ратификувањето, имплементацијата и следењето на Конвенцијата на Обединетите нации против корупција како единствен правно обврзувачки универзален антикорупциски инструмент. Заложбите на мрежата на глобално ниво се насочени кон зголемување на транспарентноста, заштита на укажувачите и активистите, како и кон обезбедување суштински простор за граѓанскиот сектор да биде рамноправен партнер во ревизијата на владините реформи.

Преку полноправното членство, МЦМС добива поголем простор за директно влијание врз глобалните антикорупциски политики, пристап до меѓународни експертски ресурси и посилна платформа за застапување на домашните реформи. Овој чекор уште еднаш ја потврдува улогата на МЦМС како водечки и кредибилен чинител во промовирањето на доброто владеење, владеењето на правото и ефективната борба против корупцијата.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести МЦМС стана полноправна членка на Глобалната коалиција на граѓанското општество за УНКАК