| Како младите можат да влијаат на политиките |
|
|
|
| Понеделник, 30 март 2026 11:01 | |||
|
Дваесет средношколци учеа како да застапуваат за прашањата кои им се приоритетни и како да влијаат на политиките. Покрај теориските знаења, преку вежбите тие стекнаа и практични вештини со кои ќе ја зајакнат нивната улога на активни чинители во процесите на носење одлуки во заедниците.
Во текот на два дена, младите учесници имаа можност да слушнат повеќе за клучните поими – застапување, лобирање, активизам и подигнување на свеста. Преку примери од пракса, обучувачот илустрираше различни ситуации и ги поттикнуваше учесниците да препознаат за кој поим станува збор. Тој особено потенцираше дека застапувањето не претставува спонтана реакција, туку структуриран и стратешки процес насочен кон постигнување на мерливи и одржливи институционални промени. Паралелно со темите на обуката се одвиваа и динамични вежби за запознавање и градење доверба помеѓу учесниците. Ова ја олесни комуникацијата, размената на искуства и создаде позитивна атмосфера во групата. Преку вакви вежби за поврзаност и меѓузависност учесниците дознаа и за концептот на „синџир на влијание“ и анализата на засегнатите страни. Тие дискутираа за тоа кој одлучува, кој влијае, кој може да поддржи, а кој да блокира одредена иницијатива. На тој начин научија како да ги идентификуваат сојузниците, противниците и неутралните групи. Потоа, фокусот беше ставен на процесот на донесување одлуки и разбирање на институционалниот и политичкиот контекст. Преку интерактивна дискусија, учесниците анализираа каде се носат одлуките, кој има влијание врз нив и како може да се идентификуваат влезните точки за застапување. Посебно внимание беше посветено на важноста на времето за делување. Исто така, се осврнаа и на различните форми на учество и мобилизацијата на заедницата. Учесниците разгледуваа како се гради легитимитет на една застапувачка иницијатива и зошто е важно вклучувањето на засегнатите групи.
Во практичниот дел, учесниците работеа во групи и развиваа конкретни идеи за застапувачки акции. Тие го дефинираа прашањето и целта на застапувањето, клучните засегнати страни, главната порака и конкретните чекори за делување. Посебен акцент беше ставен на правилното дефинирање на проблемот, при што учесниците учеа како да избегнат премногу широко или премногу апстрактно формулирање, со цел проблемот да биде јасен, релевантен и применлив во реален контекст. Паралелно со ова, преку вежба разбраа дека ефективното делување не зависи само од амбициозните цели, туку и од добро осмислена и одржлива основа, што е клучен елемент и во процесите на застапување. Целата обуки имаа можност да ја преточат во играта на улоги кога ги применија стекнатите знаења во симулиран контекст. Дел од учесниците ја презедоа улогата на носители на одлуки, додека останатите настапија како застапувачи кои презентираа конкретни иницијативи и предлози. Беа подготвени четири предлози за кои секоја група имаше свои аргументи. Вежбата им помогна да ги трансформираат општите идеи во конкретни и остварливи барања, да ги аргументираат своите ставови и да водат дијалог со носителите на одлуки. „Обуката беше многу корисна. Преку групната работа и дискусиите научив дека вистинската промена бара стратегија, а не само реакција“, рече Лина Имери, учесничка на обуката. И за Елдина Хајдари обуката е одлично искуство. „Научив многу нови работи, особено за застапувањето и начинот на кој младите можат да влијаат врз политики. Ова искуство ми даде мотивација да бидам поактивна и поупорна“, додаде таа. Работилницата се одржа на 24 и 25 март 2026 година, во просториите на МЦМС, а ја водеа Рамадан Илази и Дренуша Марку. Обуката е дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“ што ја поддржува Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ).
|