| Старо-новите предизвици на граѓанскиот сектор |
|
|
|
| Среда, 27 мај 2026 23:48 | |
|
Цивика мобилитас го објави новиот број на магазинот „Граѓаните за промена“, со фокус на овозможувачката околина. Најчесто коментирани се членовите од предлог-законот кои се однесуваат на вршењето економски активности и кофинансирањето на проектите од меѓународни донатори. Новиот текст на предлог-законот се уште не сме го виделе, а според најавите дека ќе биде испратен на разгледување и во Венецијанската комисија, големи се шансите годината да ја завршиме „по старо“. Паралелно со оваа дебата, финансирањето на граѓанските организации остана хронична тема. Колегите од УНДП презентираа истражување според кое јавните средства за граѓанските организации речиси се учетвориле за шест години — но и дека зад оваа бројка се крие структурен проблем. Според истражувањето, над 37 проценти од националното финансирање во 2024 година е распределено без јавен повик и без транспарентна постапка. На локално ниво, спортот апсорбира и до 95 проценти од средствата, оставајќи маргинален буџет за организациите кои работат со млади, жени, животна средина и социјална правда. Покрај овие две теми, посветени на околината во која функционираат граѓанските организации, новото издание на магазинот „Граѓаните за промена“ се осврнува и на работата на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество како и на новата интерактивна платформа на БЦСДН која ги прави регионалните податоци за граѓанскиот сектор попристапни. Во темите поврзани со граѓанското учество, новиот број ги следи напорите за застапување на граѓанските организации поврзани со бесплатната здравствена заштита на Ромките и нивните деца, капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие, функционалноста и достапноста на јавниот простор за сите, работата на Агенцијата за слободен пристап до информации како и енергетската транзиција која претставува длабока општествена трансформација. Преку граѓанскиот активизам, организациите адресираа повеќе прашања поврзани со правата на жените и девојките, животната средина, заштитата на личните податоци, инклузијата на лицата со попреченост итн. Новиот број на „Граѓаните за промена“ ги следи овие процеси, ги документира и верува дека информираниот граѓански сектор е најдобриот коректив на политичките одлуки.
|