Активностите за СНЕ и РРР продолжуваат во следните две години - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Активностите за СНЕ и РРР продолжуваат во следните две години PDF Печати Е-пошта
Сабота, 01 ноември 2025 11:14

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на новата програма Рехабилитација за отпорност: патот напред, која ќе се спроведува во периодот од 1 октомври 2025 до 30 септември 2027 година.

 

Програмата е продолжение и надградба на претходната програмска интервенција „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата (РРП)“ (2021–2025), која заврши на 30 септември 2025 година. Таа ги задржува докажаните ефективни пристапи од претходните фази, а истовремено ги унапредува и прилагодува активностите врз основа на стекнатите искуства и идентификуваните потреби на терен.

Целта на програмата е практично и одржливо зајакнување на националните и локалните капацитети во Северна Македонија за спречување на насилниот екстремизам и за поддршка на ефикасна рехабилитација и реинтеграција на повратниците и нивните семејства. 

Со програмата ќе се јакнат институционалните механизми и функционалната координација меѓу локалните и националните институции, како и отпорноста кај младите кон говорот на омраза и процесите на радикализација. Покрај тоа, ќе продолжи и поддршката на повратниците и членовите на нивните семејства, преку зајакнување на нивната психо-социјална и социо-економска стабилност.

Активностите ќе се спроведуваат претежно во Скопскиот и Југозападниот регион, а наменети се за локалните и националните институции, локалните заедници, општините, локалните превентивни механизми, локалните граѓанските организации, верски заедници, младите, образовните институции, работниците од првата линија, ранливите категории на граѓани, повратниците и членовите на нивните семејства, пошироките заедници во кои тие живеат.

Заедно со МЦМС, програмата ја спроведуваат и Центарот за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта – Ла Страда, а финансиската поддршка е обезбедена од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Активностите за СНЕ и РРР продолжуваат во следните две години