Прикази на случај за граѓанското општество - извршно резиме - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Прикази на случај за граѓанското општество - извршно резиме PDF Печати Е-пошта

Прикази на случај за граѓанското општествоДовербата и јавното мислење за граѓанското општество (ГО) се предуслов за вклучување на граѓаните во граѓанските организации, кое е мало. Општото познавање на граѓанските организации е добро, а се зголемува и познавањето на организации кои делуваат во конкретни области. Довербата во граѓанските организации е поделена и се намалува. Од друга страна довербата во граѓанското општество се зголемува кога се оди од општите поими кон поконкретни, што укажува дека генерално терминот граѓанско општество е стереотипизиран и не наидува на разбирање (МЦМС, 2008). Стереотипизирањето на граѓанскиот сектор потребно е да се адресира сериозно и сеопфатно, да се јакне свеста на јавноста и да се обезбедуваат повеќе информации. Приказите на случај треба да претставуваат длабинска и систематична анализа на конкретни прашања од важност за ГО.

Општа цел на проектот е овозможувачка околина за ефективно функционирање на граѓанските организации. Цел на проектот се споделени релевантни информации и анализи за состојбата на граѓанското општество.

Целна група на проектот се општата јавност и граѓанските организации. Директни корисници се ГО. Проектот ќе се спроведува во Република Македонија, а активностите ќе се реализираат во Скопје.

Очекувани резултати од проектот се: Проценета состојба на граѓанското општество за одредени прашања и информирана јавност за состојбата со граѓанското општество.

Резултатите ќе се постигнат преку подготовка и објавување на прикази на случај за граѓанското општество, поточно преку следните активности:

а) Подготовка на прикази на случај: Приказите на случај ќе бидат во областите на петте димензии на граѓанското општество, дефинирани во рамките на Цивикус - Индексот на граѓанското општество (ИГО): граѓански ангажман, ниво на организација, практикување вредности, перцепција на влијанието и околина. Изборот на темите за приказите на случај е направен за да одговори на постоечките стереотипи кои се присутни во општата јавност, но и во посебните целни групи, како и на прашањата за граѓанското општество каде е потребна подлабинска анализа. При изборот се имаа предвид наодите од истражувањата кои МЦМС ги спроведува на годишно ниво и прашањата кои произлегоа од ИГО.

За подготовката на приказите на случај ќе биде распишан јавен конкурс во дневните весници. Приказите ќе претставуваат анализа, заснована на истражувања. Право за аплицирање ќе имаат сите физички и правни лица. Предност ќе биде дадена на студентите на сите три циклуса на студии, кои имаат афинитет кон истражување на граѓанското општество. Исто така, право на учество ќе имаат и соработниците во МЦМС. Учесниците во конкурсот ќе добијат детално упатство за подготовка на приказите на случај со дефиниција на темата и потенцијални истражувачки прашања.

Изборот на авторите ќе го врши Националниот индекс тим (НИТ) за ИГО, врз основа на искуството и понудената методологија од страна на кандидатите за автори. Избраните автори ќе работат во соработка и консултација со одговорните соработници во МЦМС. За нив ќе биде обезбеден надоместок, кој поединечно нема да ја надмине сумата од 30.000 денари.

б) Објавување на „Граѓански практики“: НИТ ќе одбере најмалку осум, а најмногу 12 прикази на случај. Одобрените прикази на случај ќе бидат објавени во три посебни изданија „Граѓански практики“, а кратка содржина ќе биде објавена и во аналитичкиот извештај од ИГО.

Изданијата ќе се објават на македонски, албански и англиски јазик во по 200 примероци на компакт-диск, а ќе бидат достапни и на веб-страницата на МЦМС. Публикациите ќе бидат дистрибуирани до граѓанските организации, членовите на Советодавниот комитет на ИГО, универзитетите, релевантните државни институции, медиумите и др.
Приказите на случај ќе бидат основа и за организирање дебати на темите кои тие ќе ги обработуваат, а се и можност за постојано информирање на јавноста за важните прашања за граѓанското општество. На расправите ќе бидат поканети граѓанските организации, претставници на релевантните владини институции, медиумите и др. 
Периодот на спроведување е 15 октомври 2010 г . до 31 март 2011 г.

Претпоставки кои влијаат и придонесуваат кон постигнување на проектните резултати се: Постои интерес и капацитет кај релевантните физички и правни лица за анализа на теми од граѓанското општество; Понудените прикази на случај се со соодветен квалитет за објавување; и Медиумите се заинтересирани да објавуваат информации за граѓанското општество.

МЦМС ќе соработува со сите релевантни граѓански организации и институции.  Конкурсот ќе биде испратен и до релевантните факултети во земјата, заради можна соработка со заинтересираните студенти за анализа на ГО. Информации за активностите на проектот ќе се објавуваат редовно на веб-страницата на МЦМС. За најава и/или информирање за објавувањето на приказите на случај, како и за другите битни активности ќе се испраќаат соопштенија за јавноста. Видливоста на МЦМС ќе биде обезбедена преку апликација на логото и името на сите материјали, како и поставување на платното со логото и името на сите настани кои МЦМС ги организира.

Буџетот на проектот изнесува 589.400 денари.

Завршен извештај од проектот.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми