Мапирање на практики: ниво на отчетност на мрежите на граѓанските организации - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Мапирање на практики: ниво на отчетност на мрежите на граѓанските организации PDF Печати Е-пошта

Дата: јули 2019
PDF: mapiranje-praktiki-nivo-na-otcetnost-na-mrezite-na-go.pdf

mapiranje praktiki nivo na otcetnost na mrezite na goМапирањето беше спроведено со цел идентификување на практиките и нивото на отчетност и транспарентност на мрежите на граѓански организации во земјава, како и подготовка на препораки за интервенција при градењето капацитети на мрежите.

Отчетноста, која е централна за анализата, ја подразбираме како подготвеност и способност на граѓанските организации да преземат одговорност за своите акции, активности и пораки. Отчетноста, исто така, подразбира имање оправдување за секоја спроведена акција и комуникација кон сите засегнати страни. Дефинирани се четири нивоа на отчетност на граѓанските организации и секое ниво опфаќа различни засегнати страни со кои граѓанските организации стапуваат во контакт: кон донаторите и регулаторите, кон крајните корисници, кон членови и партнери и внатрешна одговорност кон вработените, органите на управување и кон волонтерите. Ова разбирање на отчетност е во линија со Глобалниот стандард за отчетност и со Истанбулските принципи кои се исто така претставени во анализата како референтна точка за понатамошен развој на мрежите во земјата.

Анализата е составена од пет делови, и тоа: користена методологија за прибирање и анализа на податоци; преглед и анализа на основните податоци за мрежите кои одговориле на прашалникот; анализа на резултатите од прашалникот за мапирање, заклучоци и препораки за конкретни активности за унапредување на транспарентноста и отчетноста на мрежите согласно глобалната практика.

Анализата е подготвена во рамките на програмата Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓанските организации, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансиски поддржана од Европската Унија. Општа цел на програмата е создавање овозможувачка околина која придонесува граѓанските организации да бидат независни и влијателни актери во општеството. Целта на програмата е ефективни, транспарентни и отчетни граѓански организации кои дејствуваат во поддржувачка финансиска околина.


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Истражувања