Граѓански практики бр. 5 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓански практики бр. 5 PDF Печати Е-пошта

Автори: проф.д-р Живко Андревски, Маја Митрова, Марија Рајковчевска, Дарко Шеќеринов
Дата: 2004 година
PDF: graganski-praktiki-br.5.pdf

„Имиџот на граѓанските организации во јавноста“ и Одржливост на граѓанските организации“

Граѓански практики бр. 5Овој број на Граѓански практики ви дава можност да ги проследите размислувањата на четворица автори на темите “Имиџот на граѓанските организации во јавноста” и “Одржливост на граѓанските организации”.

Дали граѓанските организации можат да одговорат на предизвиците на новото време? Можат ли да се прилагодат на промените? Каква промена тоа ќе предизвика во сликата што за нив ја има јавноста? Поради овие прашања сметавме дека е потребно уште еднаш да се навратиме на имиџот на граѓанските организации. Двата текста кои се однесуваат на оваат тема го анализираат имиџот што граѓанските организации го имаат во јавноста во овој момент но даваат и препораки за иднината.

Проф. д-р Андревски смета дека граѓанските организации ја добиле првата битка во градењето позитивен имиџ надминувајќи ја првичната одредница “невладини организации” која е претесна и методолошки неисправна според него. “Беше неодржливо целиот тој сплет од субјекти, проекти, акции и резултати да се лоцира само наспроти власта или (уште полошо и уште потесно) само наспроти владата, како најактивен орган на власта и владеењето”, вели во својот текст проф. Андревски.

Актуелноста на прашањето на одржливост на граѓанските организации беше доволен предизвик за МЦМС да создаде простор за дискусија на оваа тема. Малиот број текстови што пристигнаа не води кон констатацијата дека иако е едно од најактуелните прашања и едно од најважните прашања со кои во моментов се соочува граѓанскиот сектор сепак недостасуваат конкретните резултати.

Марија Рајковчевска во својот текст нуди еден пример на одржливо земјоделско здружение. Анализата на функционирањето на Регионалниот сојуз на пчеларите “Матица” предочува алтернативни начини на финансирање на граѓанските организации.

Дискусиите за имиџот и одржливоста на граѓанските организации се тесно поврзани. Не можеме да размислуваме за одржливоста на граѓанските организации без претходно да размислиме за тоа каков е нивниот имиџ и како можеме да го подобриме. Размислувањата и дискусиите, споделувањето искуства за имиџот и одржливоста нема да дадат конечни решенија применливи засекогаш и за секоја организација. И градењето на имиџот и одржливоста се процеси кои постојано се развиваат и ќе нудат нови и нови примери и решенија. Важно е тие нови искуства да бидат споделени со оние на кои ќе им бидат од полза. Обидот на МЦМС преку Граѓански практики е да создаде простор да се споделат искуствата и размислувањата и на едната и на другата тема.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации