Односот кон традиционалните/секуларните вредности - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Односот кон традиционалните/секуларните вредности PDF Печати Е-пошта

Автор: Сашо Клековски
Дата: 2009 година
PDF:
onosot-kon-tradicionalnite-sekularnite-vrednosti.pdf

Односот кон традиционалните/секуларните вредностиМакедонскиот центар за меѓународна соработка за прв пат ги истражуваше односите кон традиционалните (секуларните) вредности во Македонија.

Истражувањето покажа дека Македонија е традиционална или социјално конзервативна средина. Поддршката на традиционалните вредности, односно неоправданоста, изнесува од 58,9 % за разводот, до 91,6 % за хомосексуалноста. Тоа е потврдено и со Прегледот на светските вредности, односно во Македонија се зајакнуваат традиционалните вредности.

Иако мало малцинство граѓани оправдуваат насилство врз жената (3,1%) и децата (6,9%), бројноста на граѓаните кои тоа го оправдуваат бара понатамошно внимание на овие прашања. Внимание бара и релативно високото оправдување на тепањето на децата од 19.9% кај етничките Албанци.

Ставовите на мажите и жените за родови прашања, вклучувајќи и абортус, се слични и не се разликуваат за повеќе од +/-5 процентни поени, со исклучок на сексуалната работа (проституцијата).

Постојат разлики меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, кои се повторуваат меѓу христијаните од православна традиција и муслиманите.

Поддршката на традиционалните вредности изнесува од 53,5 % за неоправданост на разводот, до 90,1 % за неоправданост на хомосексуалноста кај етничките Македонци, споредено со 72,5 % до 94,8 % кај етничките Албанци.

Религиозните граѓани ги поддржуваат традиционалните вредности, споредено со нерелигиозните граѓани. На пример, неоправданоста на разводот кај религиозните граѓани е повисока за 20,1 процентни поени. Покрај ваквите ставови, и двете групи имаат слични ставови за другите прашања, на пример во неодобрувањето на сексуалната работа (проституцијата).

Поддршката за секуларните вредности е најголема во Скопје и таа изнесува 40,12%. На другата страна најмала е поддршката во руралните подрачја со 77,92%.

Не постои значајна разлика врз партиска (идеолошка) основа меѓу десницата и левицата, односно меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ неоправданоста на абортус е 66,1%, а меѓу симпатизерите на СДСМ, таа е 59,4%. Поголема разлика има само на прашањето на еутаназија.

И во религиозноста не постои значајна разлика меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, од кои 84,9%, односно 79,2% се религиозни.

Податоците од истражувањето покажуваат дека повеќето граѓани (83,3%) се религиозни. За нерелигиозни се сметаат 14,8%, а 1.1% се атеисти.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации