Невладиниот сектор како етички коректив на општеството - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Невладиниот сектор како етички коректив на општеството PDF Печати Е-пошта

Автор: м-р Дејан Донев
Дата: 2008 година
ISBN: 978-9989-102-67-7
PDF:
nevladiniot-sektor-kako-eticki-korektiv-na-opstestvoto-2008.pdf

Невладиниот сектор како етички коректив на општествотоАко 20-от век започна со доделувањето на Нобеловата награда за мир, 21-от век го започнавме со сознанието дека зад нас остана еден век со, историски гледано, најголем број турбуленции.

Имено, дали Алфред Нобел беше тој што го потсети светот дека треба да се бара излез од злоупотребите на создаденото и откриеното, не знам! Но, едно е сигурно, а тоа е дека 20-от век во следните неколку децении се движеше и се развиваше со неверојатни осцилации што, за жал, заврши со светски колеж чија круна беа концентрационите логори и Хирошима и Нагасаки. Тој колеж, за жал, и ден-денес трае само во друга форма. Како и да е, сите оние кои го проживеаа тоа и останаа по закланите, извлекоа едно огромно сознание: Ги бираме политичарите да нé водат во живот кој ќе ни даде мир, љубов, слобода, среќа ... Но, за жал, многумина од нив нé изиграа и нé натераа да живееме нагонски - животински. Токму затоа крајно време е да најдеме начин да им покажеме и докажеме дека има еден огромен број прашања на кои, ние како обични граѓани, можеме да понудиме подобар одговор.
Резултатот од ваквото сознание е она што денес е главна тема на обмислување, не само на оваа книга, туку и во планирањето на секоја држава, на секоја предизборна кампања, на секој производ - невладините организации. Меѓутоа, невладините организации не како политички опонент, туку како етички коректив на општеството за да не заборавиме дека, без оглед на општественото уредување, на секое општество темелниот чинител и цел му е Човекот.

Токму ова сознание на луѓето во светот, без оглед на религиската, културната и политичката припадност и етичкиот резултат од тоа, е причината што оваа книга стои пред Вас.

Мојата лична среќа и несреќа е тоа што живеам во време кога ваквата улога на невладините организации многу конкретно имав можност да ја осознаам, проверам, оценам и вреднувам. Среќата е во тоа што живеам во време кога мојата држава од еден систем се обидува да дорасне до друг, за кој смета дека е подобар. Несреќата пак е во тоа што, свртувајќи го своето внимание кон етиката на невладините организации во Република Македонија, но и пошироко, дојдов до чувството-сознанието дека на мигови невладините организации повеќе се, далекусежно гледано, посвесни за етичките последици од она што државата-политиката го прави, отколку тие 12 самите. Токму ова чувство-сознание беше втората причина која ме убеди во оправданоста на разгледувањето на етиката во работата на невладиниот сектор и неговото значење како етички коректив на општеството до неговата целосна демократизација.
Имено, последиците од несоодветниот модел на приватизација и неефикасната економија од тоа, како и незрелата политика која, делумно е плод и од неразрешените историски фрустрации од социјализмот, исто колку и на недоволното разбирање на современите социјални и политички процеси, од Република Македонија направија општество на полпат меѓу ослободувањето од претходниот систем и зацртаната цел: реално демократско отворено граѓанско општество. Токму затоа, ова општество во создавање, има голема потреба од дејствувањето на невладиниот сектор, што е една од основните причини за неопходноста од неговото постоење и дејствување.

Меѓу причините кои ја оправдуваат потребата од с¡ поголемата активност на невладиниот сектор секако се и многуте други странични ефекти и манифестации од забрзаните промени пред кои е исправено нашето општество кое, во брзањето да ги досегне т.н. европски-светски стандарди, заборави дека еден систем, без оглед каков е тој, успешно ќе биде заменет само доколку промените се темелат на вистинските реални универзални етички вредности. Го нагласувам ова, токму поради фактот што Македонија, колку поради меѓународната политичка консталација, толку поради сопственото историско наследство, плати и с¡ уште плаќа висока цена на т.н. транзиција, што кулминираше со длабок удар врз темелните универзални етички вредности.

Како последица од тоа, од осамостојувањето до денес, во Македонија се појавија над 5.000 невладини организации кои, како глас на народот незадоволен од неспособност или отсуството на желбата кај државата да ги пресретне и задоволи потребите на истиот, се обидуваат не само до го надополнат овој пропуст на државата, туку со своето дејствување да бидат и нејзин етички коректив.

За жал, наспроти овие, има и такви невладини организации кои кокетираат со власта и партиите, а не ретко се и нивна продлжена рака. Па така, наместо да бидат непрофитабилни, невладини и граѓански организации, застапници на потребите на граѓаните, тие се обидуваат да го делат профитот, политички или економски, од таквата блискост, а на штета на граѓаните. Токму заради тоа, невладините организации станаа катадневна тема, колку на дневниот печат, толку и на дневно-политичките и економските калкулации. Да доразјаснам - за нив се пишува, зборува, на нив се повикуваат тврдејќи нешто или докажувајќи некоја своја теза. Но, она за што сум убеден дека не ме загрижува само мене, туку и сите нас како човечки битија е фактот што притоа никој не се запрашува: а каков тоа етички вредносен-аксиолошки систем ни нудат невладините организации, не само како општествен коректив, туку и како еден простор во кој етички ќе се дооствариме себе си!?

Токму ова беше и причината и идејата, но и основната задача на оваа книга - да се покаже она што недостасува во нашето разбирање за т.н. Трет сектор; да се испита, претстави и образложи етиката на дејствувањето на невладините организации; оценката и последицата од тоа по етичката свест на општеството и на секој член во него. Имено, токму поради претходните забелешки, целта на оваа книга е да се разгледаат и оценат, но пред и над с¡, да се ревреднуваат етичките механизми во дејствувањето на невладините организации. Ова пак, со цел да се издвојат и понудат како вредносен систем оние вредности кои треба да се вистинската причина што ќе ги придвижува во нивното конкретно делување, кои ќе ја одредуваат суштината на нивното дејствување, ќе ја даваат смислата на нивното постоење и ќе бидат темелот на нивната етичка оправданост, философијата и аксиологијата на општествениот ангажман, за да го исполнат она што треба да бидат во едно општество: етички коректив на системот кој не ги реализира етичките потреби на секоја единка.

Ова сознание е и темелот на овој труд зошто недостатокот од ваквиот пристап кон работата и дејствувањето на невладините организации резултира со атмосфера на потценување на нивната улога. Затоа, не се сомневам дека овој труд, прв од ваков вид во Македонија и пошироко на Балканот, ја докажува својата оправданост и потребност сега и овде, затоа што во нашето време, гладно за реална етика, невладините организации се феномен без кој современото, етички ориентирано дејствување до реално демократско граѓанско општество, и кај нас и во светот, би било невозможно.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации