Организации, институции и проекти за рурален развој |
Одговорен уредник: Гонце Јаковлеска Ова е првото издание од Организации/институции и проекти за рурален развој чии издавачи се МЦМС и Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ). Целта на Профилите е да се изгради, односно зајакне јавната поддршка за руралните општини и заедници и да се подобри информираноста на целокупната јавност за актерите и проектите за рурален развој. Профилите опфаќаат 39 организации/институции и 56 проекти. Тоа не е конечната бројка на актери кои се занимаваат со рурален развој, уште помалку конечниот број на проекти кои придонеле за руралниот развој. Сепак, сметаме дека овие бројки се добар почеток за консолидирање на сите активни актери на ова поле. Во собирањето на податоците се водевме од принципот на доброволност. Веруваме дека дел од организациите/институциите на кои им се обративме на почетокот беа недоверливи кон уште едно пополнување на прашалници. Но, исто така веруваме дека ефектите од ваквата база на податоци брзо ќе бидат видливи и ќе ги разуверат и оние кои заради разни причини не се дел од публикацијата. Ова ќе ни овозможи постојано да ја ажурираме, подобруваме и зголемуваме базата. Така, ќе се олесни комуникацијата, а организациите и институциите активни на полето на руралниот развој ќе имаат корисна алатка за подобрување на соработката и нивниот заеднички настап таму каде што ќе биде потребно. Им благодариме на сите учесници во подготовката на ова издание, кои со својот придонес го овозможија неговото публикување.
|