ГРЦ го поддржа решавањето на седум приоритетни локални проблеми - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

ГРЦ го поддржа решавањето на седум приоритетни локални проблеми PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 28 септември 2020 15:29

Грантистите на Граѓанскиот ресурсен центар изминатиов период неисцрпно работеа на застапување на локално ниво. Тие ги претставуваа интересите на сосема различни групи граѓани и при тоа ги зајакнаа врските и механизмите за соработка со седум општини. 

20200930 sostanok so grantisti

Ангелче Гушев од извидничкиот одред Димитар Влахов рече дека благодарение на креираниот Локален акциски план за млади кој се однесува на наредните две години, сега младите од Чашка ќе можат да имаат загарантирани активности кои се од воспитно- образовен карактер. Ова е огромно постигнување доколку се земе предвид дека руралните општини се соочуваат со раселеност, а токму младите се оние кои не гледаат можности и интерес да останат во средина која не им нуди развој и забава.

Инова лаб од Битола исто така работеа на зајакнување на младинскиот активизам, само во општина Новаци. Според Елизабета Тошева од здружението, младите нема да се чувствуваат како дел од заедница доколку не се активираат. Од здружението спроведоа истражување за потребите на младите и врз основа на тоа подготвија препораки кои ги доставија до градоначалникот на општината. Обуките кои ги спроведоа со локалниот Младински совет наидоа на поголем интерес отколку што се надеваа и сметаат дека има уште многу работа на ова поле.

Една од темите на која најмногу се работеше, директно и индиректно, беше животната средина. Од Иницијативата за граѓански интеграции (ИГИ) од Гостивар, меѓу другите активности, подготвија еко-видео кое е градинките можат да го користат во едукативните програми во делот за екологија . Сунчица Ѓурчиноска од ИГИ вели дека најлесно се делува кај младите деца и дека се надева дека кога ќе пораснат ќе продолжат да бараат чиста животна средина, особено од комуналните претпријатија. 

Светла иднина од Кочани основаа Локална акциска група за застапување на ромската заедница и најприоритетните барања кои ги доставија до општината беа за чистењето на две големи депонии и за обезбедување на камион за отпад кој ќе поминува еднаш неделно по улица со 100 куќи каде досега не се собирало ѓубрето.

Сличен е случајот и со Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе, кои ги приоретизираа проблемите на жените од Амзабегово, Кадрифаково и Горобинци. Едно од главните барања се однесуваше на поставување канти за отпадоци и почесто собирање на ѓубрето од одредени локации.

НВО Хајат помогнаа при вакцинирање на 51 дете во Струмица и советуваа 50 родители во врска со заштитата на здравјето на нивните деца и важноста на вакцинирањето. За поздрав е и нивната заложба за вакцинирање на 10 деца без лична документација за кои беше отворен посебен дневник. 

Кризата со коронавирусот значително ги отежна активностите на организациите и ги принуди да одложат или променат дел од планираните активности. Така на пример, Ајде Македонија иако собраа 800 потписи на петиција за предлог мерките и политиките во однос на постапувањето со вишокот храна, не наидоа на одговор од Град Скопје заради затворање на канцелариите на општината. Виктор од Ајде Македонија потенцираше дека лобирањето од нивна страна ќе продолжи се додека не се добие поддршка од локалната самоуправа.

Грантистите го оценија овој процес како позитивен и порачаа дека се потребни повеќе проекти кои ќе се однесуваат на локално ниво. Граѓанскиот ресурсен центар додели седум грантови за локално застапување, во вкупна вредност од 1 224 883 денари.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести ГРЦ го поддржа решавањето на седум приоритетни локални проблеми