Подобрено е водоснабдувањето во Ресен - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Подобрено е водоснабдувањето во Ресен PDF Печати Е-пошта
Вторник, 30 ноември 2010 13:50

На 29 ноември 2010 година во Ресен се одржа последната сесија во рамките на програмата Форуми во заедниците. Граѓаните дојдоа да слушнат што се случи со проектот „Подобрување на водоснабдувањето во Преспа“ на кој во јули 2009 година му дадоа најмногу гласови.

Подобрено е водоснабдувањето во Ресен

Општината и Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ кои беа одговорни за спроведувањето на  проектот вчера можеа да се пофалат дека со реализацијата на проектот во с.Стење се обезбедени дополнителни 3 л/сек., додека водоснабдувањето во Ресен ќе биде подобрено со нови 17,5 л/сек. Поставувањето на новата хидро-подстаница ќе овозможи зголемен притисок на водата во високите зони на Ресен.

За овие резултати беше изведен нов експлоатациски длабински бунар  (33 м) заедно со цевковод, шахта, пумпа и потребната инсталација во околината на с. Царев двор; експлоатациски длабински бунар (152 м) заедно со цевковод, шахта, пумпа и електрика, во околината на с. Стење и  целосна реконструкција на хидрофорската постројка со поставување на нова хидро-подстаница (3 пумпи) со фрекфентна регулација во Ресен.

Форумскиот процес во Ресен започна во ноември 2008 и заврши во јули 2009 година. Низ седум форумски сесии поминаа 667 граѓани заинтересирани да учествуваат во донесувањето на одлуките во општината. Од почетните шест проектни идеи, три беа доработени и ставени на гласање пред граѓаните.

Подобрено е водоснабдувањето во Ресен

„Ова е добар начин да се дојде до идеи за некои од проблемите во општината“, вели Нада Тановска од Ресен. „Се собираат многу луѓе и можат да се слушнат многу различни размислувања. Додека траеше форумскиот процес, ние граѓаните зборувавме за проблемите, но понудивме и решенија за нив. Добро би било да се продолжи ваквиот начин на консултирање на граѓаните, без разлика дали има организирана програма Форуми во заедниците или не“, рече таа.

Граѓаните низ Форумите добија можност да креираат дел од политиката на локалната власт.  „Задоволство ми беше да учествувам на форумските сесии“, рече Сенче Поп-Гошевска, една од учесничките на форумот. „Почетоците на форумот беа дури многу забавни, целата таа интеракција што се создаде во идентификувањето на проблеми и нивното приоретизирање беше добро водена. Наоѓањето решенија за проблемите и формулирањето на проектите беше можност и за нас да научиме нови работи.“

Вкупниот буџет за спроведување на проектот изнесуваше 8.800.000 МКД. Од нив, 6.000.000 МКД обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), а остатокот го обезбеди општината и ЈКП „Пролетер“. Граѓаните на Ресен низ целиот форумски процес ги водеше МЦМС, како спроведувачка организација.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Подобрено е водоснабдувањето во Ресен