Механизми за борба против корупцијата – студиска посета |
Вторник, 30 ноември 2010 11:42 | |||
МЦМС во соработка со Центарот за проучување на демократијата (ЦСД) од Софија организираше студиска посета на тема: „Антикорупција – механизми за борба против корупцијата, искуството и предизвиците на Бугарија“. Посетата се одвиваше од 24 до 26 ноември, во Софија, Република Бугарија. На студиската посета учествуваа: Васил Грчев, претседател на Судскиот совет на РМ; пратениците: Благородна Дулиќ, Владо Бучковски и Сафет Незири; Бодан Лазаревски, Јавен обвинител за организиран криминал; Илми Селами, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК); Стефан Куковски од Генералниот секретаријат на Владата на РМ; Жарко Спасески раководител на одделението за борба против корупцијата во МВР; Наташа Вртеска од ЗЕЛС; Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија; Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество и Сашо Клековски и Марија Саздевски од МЦМС. Целта на посетата беше учесниците да добијат целосна слика за механизмите за борба против корупцијата во Бугарија како земја членка на ЕУ и да слушнат за искуството и предизвиците на Бугарија во справувањето со корупцијата. Ова треба да придонесе за подобро запознавање со проблемите поврзани со корупцијата со кои што Република Македонија може да се соочи во иднина. Учесниците имаа можност да се сретнат со претставниците на: Инспекторатот на Врховниот судски совет, Врховното касационо обвинителство и Инспекторатот при Министерството за внатрешни работи кои што се задолжени за спроведување на механизмите за борба против корупцијата во Република Бугарија. Се сретнаа и со претставниците на Националната асоцијација на општините кои имаат активна улога во креирањето политики и правила за намалување на корупција на локално ниво. Исто така учесниците имаа можности да присуствуваат и на заседание на Комитетот за спречување на корупцијата, конфликтот на интереси и парламентарната етика во Парламентот на Република Бугарија. Заинтересираните учесници се сретнаа и со претставници на Центарот за проучување на демократијата (ЦСД) кои прават годишни извештаи за состојбата со корупцијата во Бугарија. Главниот инспектор во Инспекторатот на Врховниот судски совет ги презентираше механизмите за борба против корупцијата како и нивното искуство во зголемувањето на ефикасноста на судството. Инспекторатот е независно тело чија примарна функција е контролирање на работењето на судството без задирање во неговата независност. Обвинителот во Одделението за борба против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал при Врховното касационо обвинителство ги запозна учесниците со улогата на ова тело во борбата против корупцијата и искуството во постапките поврзани со корупцијата, перењето пари и организираниот криминал. Во Парламентот на Република Бугарија учесниците беа дел од седницата на Комитетот за спречување на корупцијата, конфликтот на интереси и парламентарната етика и имаа можност да дискутираат со членовите на Комитетот за прашања од нивен интерес. На средбата со претставниците на Националната асоцијација на општините учесниците се запознаа со законодавството и искуствата за откривање на корупцијата на локално ниво. Беа претставени и можните мерки кои што директно придонесуваат за коруптивни дејствија, како што е „едно шалтерскиот систем“. Државниот инспектор во Инспекторатот при МВР зборуваше за механизмите на функционирање на Инспекторатот. Многу корисна за учесниците беше и средбата со тимот на експерти од ЦСД кои ги презентираа информациите во врска со анти-корупциските иницијативи, нивнaта соработка со институциите како и формите на корупција кои ги имаат разработени во своите извештаи (како што е политичката корупција и нејзините врски со организираниот криминал). Г. Стојанов, директорот на Витоша Рисрч, го претстави системот за следење на корупцијата развиен од страна на ЦСД и Витоша Рисрч чии резултати се објавени на годишно ниво во извештаите за проценка за корупција. Учесниците во целост беа задоволни од студиската посета, бидејќи преку пренесеното искуство ги согледаа слабостите и предностите со кои што се соочуваат односно ги имаат или ги практикуваат. Поради сличноста на проблемите со кои што се сретнуваат во борбата против корупцијата Македонија и Бугарија, важно е да се спроведе истражувањето за состојбите со корупцијата во Македонија според претставената методологија. Од особена важност се исто така воспоставените контакти за понатамошна соработка во процесите кои се отворени пред двете земји особено тие кои што се поврзани со успешната борба против корупцијата.
|