Нов водовод за 11 населени места во општина Јегуновце |
Понеделник, 25 октомври 2010 08:55 | |||
На 23 октомври 2010 година (сабота) во Јегуновце на свечен начин беше пуштен во употреба новиот водовод со кој доволни количини здрава вода за пиење ќе добијат речиси 8.500 жители на 11 населени места во општината Јегуновце. Завршувањето на овој водовод, ќе стави крај на проблемите на жителите со бактериолошки неисправна вода која може да го загрози нивното здравје. Со проектот е изграден цевковод во должина од 17.507 метри од с. Јегуновце до с. Ратае; два резервоари со зафатнина од по 300 м¬3 во Јегуновце; истражни бунари; експолатациски бунар со вкупна издашност 20 л/сек. Освен тоа реновиран е постојниот бунар во Јегуновце, адаптиран е контролно-командниот објект во Јегуновце, изградена е и пуштена во употреба нова трафо станица, а за потребите на проектот изработени се врските меѓу постојните резервоари во с. Копанце и с. Туденце со новиот магистрален цевковод. „Нашите граѓани го чувствуваат овој проект како свој“, рече Тони Коцески, градоначалник на општината Јегуновце. Тој им се заблагодари на граѓаните кои овозможиле без надомест да помине трасата на водоводот низ нивниот приватен имот. „Овој проект е иднината за нашата општина, проект за идните генерации“, додаде тој. Финансиите за изградба на водоводот се обезбедени од Кралството Норвешка и Владата на Република Македонија. Со 650.000 евра обезбедени од Владата на Кралството Норвешка преку норвешката Асоцијација на локални и регионални власт (КС) раководеше Македонскиот центар за меѓународна соработка. Владата обезбеди вкупно 500.000 евра и тоа 200.000 за завршување на овој, регионален водовод и уште 300.000 за секундарна мрежа во дел од селата во општината Јегуновце. „Чиста вода за сите е предуслов за благосостојба и просперитет“, рече во своето обраќање норвешкиот амбасадор, Кјетил Паулсен. „Официјалното отворање на водоводот е датум што ќе се памети“, додаде тој. На присутните им се обрати премиерот на Владата на РМ, Никола Груевски. „Овој проект, како и многу други што ги поддржуваме, јасно говори за посветеноста на Владата да ги решава проблемите на граѓаните“, рече тој и упати благодарност и честитки за сите вклучени во проектот. „Предизвикот за жителите на Јегуновце допрва престои“, рече во своето обраќање Сашо Клековски, прв извршен директор на МЦМС, „тој е одразен во слоганот „Чиста сметка – здрава вода. Се надевам дека овој тригодишен труд ќе се одржува понатаму како што треба“, додаде тој. Водоводот во употреба го пуштија премиерот Никола Груевски, амбасадорот на Кралството Норвешка, Кјетил Паулсен и градоначалникот на општина Јегуновце, Тони Коцески. Што медиумите пренесоа за оваа вест.
|