Какви се европските искуства во борбата против дискриминацијата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Какви се европските искуства во борбата против дискриминацијата PDF Печати Е-пошта
Вторник, 27 април 2010 09:00

МЦМС, во соработка со граѓанската организација ECAS од Брисел, од 14 до 17 април организираше студиска посета во Брисел (Белгија). Целта беше да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации и државните институции за борба против дискриминацијата. Во посетата учествуваа 12 претставници на Министерството за правда, Народниот правобранител, Секретаријатот за европски прашања, Македонскиот институт за медиуми, ХДЗР „Месечина“, Полио Плус, МЦМС, АДИ- Гостивар и Првата детска амбасада во светот-Меѓаши.

Заштитата од дискриминација ќе биде обврзувачка во сите области

Во текот на тридневната студиска посета учесниците имаа можност да го посетат Телото за еднаквост во Брисел (Белгиски центар за еднакви можности), Европската комисија (Општата управа за проширување и Општата управа за вработување), Европскиот парламент (Интергрупата која се залага за ЛГБТ правата), како и граѓански организации кои работат во областа на заштитата од дискриминација и промовирање на еднаквоста – Европска мрежа против расизам (European Network Against Racism), Европска платформа за постари лица (AGE European Older People's Platform), Европскиот форум за лица со хендикеп (European Disability Forum), Меѓународната асоцијација на геј и лезбејки во Европа (ILGA) и Европската информативна канцеларија на Ромите (European Roma Information Office).

Претставниците на Европската комисија (Leos Javurek) и Европскиот парламент (Michael Cashman и Marije Cornelissen) ги запознаа своите гости од Македонија со инструментите на Европската унија за заштита од дискриминација (пред сè со директивата која се однесува на заштитата од дискриминација врз основа на етничка или расна припадност во сите области од општествениот живот и директивата која се однесува на заштитата од дискриминација на работното место).

Заштитата од дискриминација ќе биде обврзувачка во сите области

Тие истакнаа дека во моментот Советот и Европската комисија ја подготвуваат новата директива која ќе ја направи заштитата од дискриминација (врз основа на раса, етничка припадност, старост, сексуална ориентација, верска припадност како и хендикеп) обврзувачка во сите области, не само во вработувањето. Воедно, тие ја изразија својата загриженост поради тоа што во Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој неодамна беше усвоен од страна на Собранието на Република Македонија, не се наведува експлицитно сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Беше истакната и потребата од целосна хармонизација на македонските закони со законите на ЕУ и промовирањето на недискриминациско законодавство.

Претставничката на Белгискиот центар за еднакви можности, Ingrid Aendenboom, ги запозна присутните со историјата на центарот и инструментот со кој што Европската Унија ги обврзува сите земји членки да формираат национални тела за еднаквост. Таа ги сподели со своите гости од Македонија искуствата и проблемите со кои се соочувало и сеуште се соочува Белгиското тело за еднаквост. Воедно таа зборуваше за организациската структура на телото, полето и методите на работа, начинот на финансирање (за да се гарантира независност на телото во моментот 80% од средствата за финансирање се обезбедуваат од Националната лотарија). Исто така таа објасни дека најголемиот број на случаи кои биле доставени до Белгиското тело за еднаквост во изминатата година се однесуваат на расната дискриминација.

Заштитата од дискриминација ќе биде обврзувачка во сите области

Претставниците на граѓанските организации со кои имаа средба учесниците од Македонија ги запознаа своите колеги со работата на нивните организации и со проблемите со кои се соочуваат ранливите групи кои тие ги застапуваат на ниво на Европската унија.

Учесниците беа задоволни од реализираните средби и воспоставените контакти со нивните колеги кои работат на полето на недискриминација во Белгија и пошироко во ЕУ. Тие истакнаа дека знаењата со кои се стекнаа за време на оваа посета ќе им бидат од клучно значење во борбата против дискриминацијата во Република Македонија и формирањето на тело за еднаквост во нашата земја.

Студиската посета е дел од проектот „Македонија без дискриминација“ кој заеднички го спроведуваат ХДЗР „Месечина“, МЦМС и седум други граѓански организации.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Какви се европските искуства во борбата против дискриминацијата