Обука за обучувачи за недискриминација |
Среда, 13 мај 2009 11:47 | |||
Од 5 до 7 мај оваа година, во Скопје, се одржа обуката за обучувачи за недискриминација. На обуката учествуваа осум претставника од граѓански организации и еден претставник од државна институција, кои работат на полето на човековите права и недискриминацијата. „Обуката беше одлична. Јас ја посетив и основната обука за недискриминација. Обучувачите беа со огромно искуство, кои испорачале бројни обуки низ Европа на оваа тема. Обуката особено е корисна во контекст на донесувањето на Законот за недискриминација и улогата на граѓанските организации. Ние што ја посетивме оваа обука ќе треба во иднина да испорачаме обуки за активисти на граѓанските организации на полето на недискриминација.“, ни кажа Владо Анчевски од ХОПС – Опции за здрав живот. Мирдита Салиу од Министерството за труд и социјална политика беше задоволна од тоа што го слушнала на обуката. „На обуката стекнавме големо искуство. Обучувачите ни помогнаа многу во ова, се гледаше дека ја познаваат проблематиката. Тие ни дадоа добри насоки каков треба да биде еден обучувач. Овој тип на обуки ќе бидат корисни во иднина и за подготовка на програми и за Законот за недискриминација“, рече Салиу. Учесниците имаа можност да слушнат и да дискутираат за директната и индиректната дискриминација, за виктимизација, вознемирување, дискриминација поврзана со хендикеп, за позитивна акција и за должностите на јавноста. Како идни обучувачи работеа на повеќе методи како што се: користење на мапа на мисли, бура на идеи, работа во мали групи, јакнење на свеста итн.
|