15 години МЦМС - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

15 години МЦМС PDF Печати Е-пошта
Четврток, 08 јануари 2009 19:28

15 години МЦМСНа крајот на претходната 2008 година МЦМС ја одбележа 15-годишнината од своето постоење и работење.

Една од најголемите и најреспектирани граѓански организации во Македонија ги сумираше своите постигнувања во претходните 15 години: спроведени се 1.481 проект во 60 програми; во најголем број од проектите целната група била дефинирана како општа (667), 387 им биле наменети на селаните, 166 на етничките малцинства, 118 на жените, 58 на бегалците и раселените лица, 49 на лицата со посебни потреби, 36 на децата и младинците, најголем број од проектите се спроведени локално (490) и национално (489), 211 се спроведени во Скопје, 185 меѓународно и 106 регионално; најголем број од проектите биле спроведени како финансиска поддршка (886), 289 се обуки, 143 се застапување и лобирање, 125 се информации, 24 се заеми и 14 – раководење.

Што се однесува до приходите, тие во овие 15 години изнесувале околу 46 милиони и 400 илјади евра. Речиси сите приходи на МЦМС потекнуваа од странски донатори. Најголем дел се од Акција на црквите заедно (40%), потоа од Конзорциумот за Македонија (31%), на вонредни и сопствени приходи отпаѓаат 11%, а на владини и меѓувладини агенции 9%. Расходите на МЦМС во овие 15 години изнесуваат околу 43 милиони и 900 илјади евра. Најголем процент од парите се употребени во секторот основна и итна помош (32%), 21% се употребени за меѓународни програми, 18% за водоснабдување и санитација, 17% за граѓанско општество и демократија, 6% за образование и здравство и по 3% за вработување и генерирање приходи и за оперативни трошоци.

Но ова е само статистика од постигнувањата. Зад секоја од овие бројки стојат резултатите од работата на МЦМС, обучените луѓе кои самостојно ги водат своите организации, подготвуваат проекти, зајакнатите организации, зајакнатите локални самоуправи и нивните вработени, селаните кои го решиле проблемот со водоснабдувањето, луѓето кои имале кому да му се обратат додека биле во неволја, припадниците на различни етнички и верски заедници кои научиле повеќе за другите итн.

Како се развиваше МЦМС

Создадена како заеднички напор на локалните иницијативи и Холандската меѓуцрквена помош во 1993 година, МЦМС помина низ повеќе фази во своето постоење и работење. Организацијата не е изолиран ентитет и случувањата имаат влијание врз неа. МЦМС ги формулираше своите цели во 1994 година, а во ’95-та го стави фокусот на рехабилитацијата и развојот. Во овој период се профилира развојниот карактер на МЦМС. Во ’96, ’97 и ’98 година се работеше на интеграцијата на етничко ниво, економскиот развој, развојот на локалните заедници и градењето на свеста и на одржливиот развој.

Во 1999 година човечката катастрофа што произлезе од Косовската криза го исправи МЦМС пред нов предизвик – да се вклучи повторно во хуманитарна помош. МЦМС покажа висока флексибилност и адаптибилност. Со вклучување во итни операции за прв пат од своето постоење, се примени широк спектар на нови активности и методи: водење на камп со бегалци, итно водоснабдување и санитација на багалски кампови, масовна дистрибуција на храна и непрехранбени продукти, доставка на храна во екстремни услови, застапување/лобирање, информации.

По 1999 година МЦМС во 2000 година стоеше пред нов предизвик да се стабилизира по огромниот раст и да се врати на своите фокуси. За овој предизвик битни се: враќањето кон развојните активности, внатрешните избори, среднорочната оценка и воспоставувањето регионална соработка. За жал во 2001 Македонија се соочи со најсилниот судир од нејзиното осамостојување – криза со вооружени судири. МЦМС оперираше во сосема изменет амбиент на зголемена етничка недоверба, воени судири и ограничена безбедност, како и изострени социо-економски односи.

Во текот на 2002  година се стабилизира и се врати на спроведување на долгорочните развојни програми, со постепено намалување на активностите за итна помош и поддршка на регионите погодени од кризата. Следната година го одбележа големиот јубилеј – 10 години МЦМС. Во последните пет години МЦМС продолжи да се профилира како развојна организација. Во 2005 се фокусираше на реорганизација и реструктуирање за приспособување на изменетата околина што придонесе да се подобри ефикасноста. Постоечките и новите партнерства се покажаа клучни за успехот.

Во 2006 МЦМС се здоби со консултативен статус во Економско-социјалниот совет на Обединетите нации. Конзорциумот за Македонија ја одржа последната средба, а дел од агенциите продолжија билатерално да соработуваат со МЦМС. Во 2007 продолжи трендот на намалување на финансирањето од меѓународни организации, но МЦМС успеа до одреден степен да ги замени со фондовите на ЕУ и со сопствени средства.

Во годината кога одбележа 15 години од своето постоење МЦМС го заокружи процесот на стратешко планирање, со усвојување на документите за Визија, мисија и долгорочно цели на МЦМС, Деловниот план 2008-2011 година, како и новиот Статут на МЦМС. Последователно, согласно новиот статут, а и во рамките на предвидениот мандат, се извршија избори за нов состав на Советот на МЦМС. Реструктурирањето продолжи и со воспоставување на нов орган за секојдневно управување – Одбор на директори, кој сега го сочинуваат два члена.

Одбележувањето на својот 15-ти роденден МЦМС го направи низ настаните поврзани со програмските активности и со мала забава – пред Нова година.

15-godini-mcms

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести 15 години МЦМС