Градење отпорни заедници – работилница во Тетово |
![]() |
![]() |
![]() |
Вторник, 08 јули 2025 12:08 | |
На 19 јуни 2025 година, МЦМС и организацијата Плиадес, во соработка со општината Тетово ја организираа работилницата на тема „Активни локални совети – отпорни заедници“ на која учествуваа членовите на Советот за малолетничка деликвенција и Советот за социјална заштита. Целта на работилницата беше да се поттикне продлабочено разбирање за улогата и значењето на локалните механизми за превенција во контекст на зајакнување на отпорноста на заедницата. Во своето воведно обраќање, градоначалникот Билал Касами ја нагласи стратешката важност на функционалните локални механизми за превенција, потенцирајќи ја потребата од интегриран пристап во справувањето со социјалните предизвици, кој ќе се базира на координација и активна вклученост на сите засегнати страни. Тој подвлече дека советите не треба да се третираат како формални тела, туку како реални механизми за навремена интервенција во заедницата. За Советот за малолетничка деликвенција зборуваше неговата претседателка, Блерта Ахмеди. Таа истакна дека во двегодишното функционирање спровеле систематски предавања и работилници во училиштата, особено со средношколците, насочени кон подигнување на свеста за ризични фактори како што се наркоманијата, криминогеното однесување и влијанието на социјалните мрежи. Инаку, Советот е составен од професионалци, претставници од Центарот за социјални работи (ЦСР), Министерството за внатрешни работи (МВР), Основното јавно обвинителство и Судот, како и претставници на родителите и учениците. Халиме Рустеми, претседателката на Советот за социјална заштита, рече дека од неговото формирање во 2022 година, Советот активно работи на препознавање на клучните социјални предизвици и нивно вградување во Социјалната стратегија на општината за периодот 2024–2027. Таа истакна дека Советот вклучува 15 члена од релевантни институции како што се здравствените установи, организациите што нудат услуги за лица со попреченост, жртви на семејно насилство и стари лица, претставници на ЦСР и МВР. Учесниците ги идентификуваа најизразените локални ризици - од насилството и булингот во училишната средина, преку економските тешкотии и сиромаштијата и зависностите, до проблемите со паркирањето, семејното насилство, социјалната изолираност и ограничениот пристап до поддршка. Беше нагласено дека дел од овие предизвици бараат проширување на тематскиот опфат и вклучување на дополнителни институции и чинители во процесите на локална координација. Дискусиите за време на работилницата отворија простор за преиспитување на постоечките структури и размислување за воспоставување на интегриран локален механизам за превенција кој, без да ја наруши работата на постоечките совети, би овозможил сеопфатен, координиран и одржлив пристап кон управување со ризиците во заедницата. На овој начин, би се зајакнале механизмите за локална отпорност, засновани на принципи на рана интервенција, хоризонтална соработка и активно граѓанско учество. Работилницата придонесе за препознавање на потенцијалот за проширување на опфатот на превентивното дејствување, преку воспоставување на покоординиран и повеќечинителски пристап кој ќе ги опфати пошироките локални ризици. Работилницата е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ што ја поддржува Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ).
|