Половина од граѓаните се подготвени да посегнат по насилство за да се заштитат себе и семејството - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Половина од граѓаните се подготвени да посегнат по насилство за да се заштитат себе и семејството PDF Печати Е-пошта
Четврток, 13 Февруари 2025 13:07

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја проверуваше ПЕРЦЕПЦИЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТА, како личната, така и општо, во државата.

Многу е загрозена

Резултатите од истражувањето покажуваат дека кога е во прашање личната безбедност, половина од граѓаните (52,7%) се чувствуваат безбедно во средината во која живеат и работат. Етничките Македонци (59,4%) и припадниците на другите етнички заедници (53,8%) се побројни меѓу оние кои се чувствуваат безбедно додека тој процент кај етничките Албанци изнесува 33,3%.  Прашани кој најдобро ќе ги заштити нив и нивните семејства, најголем број од граѓаните (46,2%) имаа доверба само во себе, односно сметаат дека тие самите најдобро ќе ја заштитат својата и безбедноста на нивното семејство. Една петтина рекле дека никому не му веруваат, а нешто помалку, односно 19,0% сметаат дека полицијата ќе ги заштити најдобро.

Граѓаните најбезбедно се чувствуваат дома. Како се зголемува дистанцата, односно опкружувањето, така се намалува чувството на безбедност од 91,2% (за безбедноста во домот), до 85,4% кога во прашање е нивната населба, па се до 60,4% кога станува збор за државата.

Кога се во прашање факторите кои влијаат на чувството за безбедност, резултатите од истражувањето покажуваат дека околу една третина од граѓаните се чувствуваат безбедно затоа што живеат нормално и го почитуваат законот и редот. Околу една петтина како фактор за чувството за безбедност го препознаваат нивното добро опкружување, а за околу една десетина важно е тоа што се способни да се заштитат себе си. Причината за чувството за небезбедност за околу 20% од испитаниците е уличниот криминал и насилство, а околу 15% одговориле дека такво чувство им прави лошата економска состојба и сиромаштија.

Половина од граѓаните (50,3%) се подготвени да посегнат по насилство за да ја заштитат безбедноста на нивното семејство. Вкупно 40,4% од испитаниците не се согласуваат со ниту еден од ставовите, односно самите не би посегнале по насилство за заштита. Иако процентот на оние кои се подготвени да пријават насилство е мнозински (59,6%) сепак, загрижуваат аргументите на остатокот од испитаниците за непријавување: велат дека тоа не е нивна работа, дека не веруваат дека надлежните можат да го решат проблемот, или се плашат од последиците.  Кај најмладите испитаници, оние меѓу 18 и 29 години, најниска (46,2%) е подготвеноста да пријават насилство или кршење на законот, а една четвртина од нив рекле дека тоа не е нивна работа. Локално гледано, граѓаните најмногу ги загрижуваат небезбедните патишта и брзото возење (31,0%). На второ и трето место се криминалните пресметки (15,6%) и насилството поврзано со злоупотреба на дроги (15,5%). Загриженоста заради небезбедните патишта и брзото возење расте со зголемувањето на возраста на испитаниците од 22,5% кај оние меѓу 18 и 29 години до 38,2% кај граѓаните над 65 години.

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета која е  спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

Извештајот е подготвен и објавен во рамките на програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, финансиски поддржан од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ. Програмата ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Плиадес и Хоризон Цивитас.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Половина од граѓаните се подготвени да посегнат по насилство за да се заштитат себе и семејството