Граѓанските организации се клучен фактор и партнери за промени во борбата против корупцијата |
Вторник, 12 ноември 2024 14:21 | |||
Тимот на програмата „Граѓаните против корупцијата“ денес официјално ги претстави новите граѓански организации од грантовата шема за Граѓанска вклученост на настанот насловен – „Партнерство за промени“. Со вкупен фонд од околу 40 милиони денари, дванаесет грантисти ќе работат на проекти насочени кон зголемување на транспарентноста, отчетноста и културата на интегритет, со посебен фокус на вклучување на граѓаните во борбата против корупцијата. Нивните проектни активности вклучуваат иновативни методи, акции и едукација на граѓаните за коруптивните пракси во повеќе области во општеството како: градежништво, животна средина, образование, здравство, локална самоуправа, правосудство, култура и сл. На настанот се презентираа и достигнувањата на петте грантисти од Грантовите за брз одговор, кои од април оваа година имплементираа проекти за подигнување на свеста кај граѓаните за изборната корупција, младинското учество и креирање на алатки за поголема отчетност и транспарентност на институциите. Покрај презентациите за нивните постигнувања грантистите ги споделија нивните искуства од работата со граѓаните и нивните предизвици со кои се соочуваат во борбата со корупцијата. За нивната посветеност и заложба за промени изрази поддршка и директорот на канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД во Северна Македонија, г. Марк Елингстад, кој истакна дека корупцијата ја поткопува довербата во општеството, го стагнира растот и ја разорува демократијата. Тој додаде дека граѓаните и граѓанските организации се храбри и се гласноговорници на општествените проблеми дури и кога постојат препреки на патот. „Ниту еден проект, ниту една програма не може сама да ја победи корупцијата. Но, заедно – граѓаните,институциите, граѓанските организации, медиумите, приватниот сектор и сите други чинители – можеме да создадеме средина во која нема да постои простор за коруптивно однесување“ додаде во нејзиното обраќање и координаторката на програмата Снежана Камиловска Трповска. Настанот заврши со видео промоцијата за успешната приказна на неформалната група Борба за Влае која сведочи за пример, како здружени поединци со храбри иницијативи и упорност можат да придонесат кон позитивни промени во борбата против корупцијата.
|