Поврзувањето со корените е авантура за младите со македонско потекло |
Петок, 19 јули 2024 12:17 | |||
Четворица млади студенти од дијаспората успешно го завршија својот тринеделен престој во земјата. На завршниот настан по повод заокружување на програмата „Родум од Македонија“ кој се одржа на 18 јули 2024 година, тие ги споделија своите впечатоци и искуства. „Родум од Македонија (Birthright Macedonia) беше привилегија да се доживее со неверојатен тим кој вистински ме потсети на моите корени. Неизмерно уживав во патувањата, особено во Галичник, и се поврзав со мојата група од дијаспората организирана од ОМД. Би сакала повторно да ја доживеам оваа авантура!!“ - рече Викторија Јосифова од Канада. Андреј Петрушевски од Канада, ги сподели своите искуства и впечатоци од тринеделната посета. „Многу уживав за време на програмата „Родум од Македонија“ , бидејќи тоа за мене беше одлична можност да се поврзам со моите корени и да се запознаам со некои членови од фамилијата кои досега не ги имав запознаено. Праксата беше одлична можност, бидејќи имав прилика да научам многу, и за мојата идна кариера, и за работната култура во Македонија.“ - рече тој.
На настанот присуствувше тимот одговорен за програмата, претставници од компаниите каде учесниците ја извршуваа својата практична работа и други поддржувачи на програмата. За време на викендите учесниците уживаа во разглед на градот Скопје, викенд во Охрид, а беа и на традиционалната Галичка свадба. Во текот на својот престој тие имаа можност да бидат гости во Вилата на Претседателката на државата, да го посетат Собранието на Р.С. Македонија, како и Министерството за надворешни работи. Исто така ги посетија и Музејот на македонската борба за самостојност и Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје. Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) како спроведувачи на проектот, до сега им овозможија на околу 60 млади луѓе од Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Велика Британија, Швајцарија, Босна и Херцеговина и Нов Зеланд да поминат низ ова неформално но интензивно враќање кон корените и поврзување со татковината на предците.
|