Преку обуки за лидерски вештини спортистките ги надминуваат дискриминаторските политики и структурните бариери |
Петок, 28 јуни 2024 10:44 | |||
Во рамките на проектот „Фер Игра: поддршка на родова еднаквост во спортските политики“, во изминатиот период се одржаа три работилници за зајакнување на лидерските вештини кај младите спортистки.
На дводневните работилници учествуваа повеќе од педесет девојки од Тетово, Гостивар, Струга и Скопје, кои градат успешна кариера во ракомет, одбојка, фудбал, карате, џудо, сноубординг, атлетика, тенис и други спортови. Учесничките имаа можност да бидат едуцирани за родово дискриминаторските политики и структурните бариери кои го ограничуваат потенцијалот на жените во спортот, како и за успешните стратегии за надминување на овие предизвици. Девојките ги препознаа сличните бариери со кои се соочуваат во спортот, како што се нееднаквиот третман и поддршка при обезбедување на исти услови за тренинг, спортска опрема и униформи, како и при патување за натпревари. Исто така, тие истакнаа недостаток на жени тренери, со кои би се чувствувале посигурно, очекувајќи дека тие повеќе би ги разбирале нивните проблеми. По делот на мапирање и идентификација на системските бариери, преку индивидуални и групни вежби, учесничките ги подобрија своите меки вештини и познавањето на ефективни комуникациски стратегии и вештини за преговарање. Дополнително, работилниците беа фокусирани на инклузивно лидерство и лидерство засновано на вредности. Целта на овие работилници е да придонесат кон зголемување на бројот на жени лидерики во спортот и поголема родова застапеност на жени на одлучувачки позиции во спортскиот сектор. Еден од заклучоците на работилниците е дека девојките и младите жени во спортот ретко имаат можност да учествуваат на обуки за зајакнување и ретко имаат можност за вмрежување и создавање меѓусебни партнерства. Проектот го спроведуваат Олимпсикиот комитет на С. Македонија (како координатор), Македонскиот центар за меѓународна соработка, Спорт Соушл Солушнс и Македонски Параолимписки комитет. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.
|