Половина од предлог-законите во 2023 се без консултации на ЕНЕР |
![]() |
![]() |
![]() |
Среда, 26 јуни 2024 09:17 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) го објавија извештајот „Огледало на Владата“ за 2023 година во кој се следи и анализира Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР – www.ener.gov.mk). Истражувањето покажува дека во 2023 година 51,4% од предлог-законите усвоени на Влада и доставени до Собрание биле објавени на ЕНЕР. Со Извештајот се констатира подобрување на состојбата во споредба со претходните години (37,0% во 2022г., 41,0% во 2021г. и 49,6% во 2019г). Во 2023 година биле поднесени вкупно 72 предлог-закони од Владата до Собранието за кои што имало обврска да бидат ставени на ЕНЕР. За 37 од нив (51,4%) претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Што се однесува до минималниот периодот за коментирање од 20 дена, тој не е испочитуван само во еден случај. Половина од предлог-законите доставени до Собрание биле со ЕУ знаменце. Вкупно 36 предлог-закони или точно половина од 72-та предлог-закони доставени до Собранието од страна на Владата во 2023 година биле доставени со ЕУ знаменце, а 22 од тие 36 предлог-закони биле доставени по скратена постапка (61,0%). Од овие 36 предлог-закони со ЕУ знаменце 24 (66,7%) биле претходно ставени на ЕНЕР за консултации со јавноста. Во 2023 година имаше неколку примери на носење предлог-закони со европско знаменце кога главната цел не беше усогласување со правото на ЕУ. Таков беше случајот со измените на Кривичниот законик како и петте предлог-закони на Владата поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д. Во сите овие предлог-закони не е јасна употребата на процедурата на знаменце на ЕУ и не е целосно јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со правото на Европската Унија. Граѓаните и граѓанските организации умерено го користат ЕНЕР за да ги кажат своите мислења за предлог-законските решенија во рана фаза на подготовка. Поставени се 204 коментари за 36 од вкупно 59 предлог-закони објавени на ЕНЕР во 2023г. Најголем број коментари се дадени за следните предлог-закони: Предлог на Закон за културата (33); Предлог на Закон за социјални претпријатија (22); Предлог на Закон за градење (21); Предлог на Закон за системот на плати во јавниот сектор (18). Прашање за подлабока анализа е дали причината за слабиот интерес на граѓаните е резултат на недостатокот на повратни одговори од министерствата на коментарите на граѓаните. Во периодот на следење, министерствата објавиле 42 повратни одговори на ЕНЕР на вкупно 204 поставени коментари (20%) од граѓаните и граѓанските организации, при што голем дел од овие одговори се само информација дека коментарите ќе бидат разгледани.
Подготовката на овој Извештај е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ кој е финансиран од Европската Унија. Покрај годишните извештаи, редовно се објавуваат и неделни и месечни прегледи. Целта е да се подобри информираноста на граѓаните и граѓанските организации и да се поттикнат да учествуваат во раните фази на подготовката на законите.
|