Граѓаните се почесто се охрабруваат да пријават дискриминација кај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните се почесто се охрабруваат да пријават дискриминација кај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 29 мај 2023 12:50

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со поддршка на МЦМС, на 19 мај 2022 година го објави Годишниот извештај за 2022 година кој покажува зголемен број претставки во однос на 2021 година. Покрај 248 претставки поднесени до Комисијата, таа самата, по службена должност поднела уште седум постапки за заштита од дискриминација.

МЦМС Инфографик ПОДНЕСЕНИ ПРЕТСТАВКИ 2021 И 2022 г. 1

Извештајот покажува дека КСЗД утврдила дискриминација во 70 случаи од кои 23 биле за потешки облици, односно повеќекратна, повторена, продолжена и интерсекциска дискриминација. Најчести основи на дискриминација, според поднесените претставки се сексуалната ориентација (25), припадноста на маргинализирана група (22), општествениот статус и родовиот идентитет (20) и националната или етничката припадност (19). 

Заради непостапување по препораките на КСЗД, во претходната година поднесени се 14 барања за поведување прекршочни постапки, од кои за девет, судовите постапиле. Станува збор за 12 повеќе постапки во однос на 2021 година. Во 2022 година Судот ја донесе првата пресуда со која казни дискриминатор по постапка поднесена од КСЗД. Годината ќе биде забележана и по тоа што граѓанскиот суд во Скопје донесе првостепена пресуда по тужба од јавен интерес во која се утврди дискриминација кон лицата со попреченост за пристап до и во избирачките места. Ова е првата судска постапка во која КСЗД настапи како „пријател на судот“ (amicus curiae) и даде придонес во постапката. 

Најголем број од претставките во 2022 година, 157 се поднесени од физички лица, на второ место се здруженијата на граѓани (85), а значително помал е бројот на претставки поднесени од правни лица. Односот на поднесувачите на претставките е сличен како оној во 2021 година. Што се однесува до географската распространетост, во околу 70% од случаите, подносителите биле од Скопје, потоа од Битола, околу 8%, од Штип, околу 6% итн. Мажите (58%) за нијанса почесто поднесуваат претставки од жените (42%), а во поглед на етничката припадност на подносителите, најголем број биле Македонци.

МЦМС Инфографик ПОДНЕСЕНИ ПРЕТСТАВКИ 2021 И 2022 г. 2

За разлика од 2021 година кога претставките биле најчесто во областа на работата и работните односи (15), во 2022 година приматот го зема јавното информирање, медиумите и социјалните мрежи (37). Овие успеси се особено значајни ако се земат предвид сите суштински предизвици со кои се соочува КСЗД, како што е неекипираноста на стручната служба (има само 34,8 % пополнетост од привидените работни места) и моменталниот состав на Комисијата која брои пет од потребните седум члена. Од финансиски аспект, КСЗД бележи подобрена реализација на годишниот буџет од 88% што е зголемување во однос на 2021 година кога реализацијата на буџетот била 64 %. 

Податоците од Годишниот извештај укажуваат дека граѓаните се повеќе охрабрени да се обратат до КСЗД и реагираат кога се соочуваат со дискриминирачки практики и односи. Комисијата продолжува да се етаблира како стручен, релевантен и независен орган во македонското општество во борбата за елиминација на сите видови дискриминација и нееднаквост.

Работата на КСЗД е подржана од проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“. Проектот е финансиран од Европската унија, а имплементиран од МЦМС. Целта на проектот е да се поддржи и зајакне улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во почитувањето на правата на граѓаните кои се третирани нееднакво. Овој проект им помага на членовите на КСЗД и вработените во стручната служба да ги зајакнат своите капацитети за воспоставување на транспарента и ефикасна служба по теркот на развиените европски земји.


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните се почесто се охрабруваат да пријават дискриминација кај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација