Дивите депонии - сериозен проблем за граѓаните на Боговиње |
Среда, 26 април 2023 11:40 | |||
Здружението Интуита, на 16 март 2023 година, организираше јавна дебата и изложба на фотографии посветени на проблемите со комуналниот отпад и дивите депонии во населените места. Вкупно 15 учесници зборуваа за подигнувањето на свеста на граѓаните за овие прашања но, и за ангажманот на општината, особено затоа што овие прашања се дел од ветувањата и програмата за работа на градоначалникот. Граѓаните добро ја прифатија иницијативата на Интуита. Некои од нив сметаат дека дури е задоцнета, но сепак, задоволни се што почнале дискусии на оваа тема и што и тие се вклучени. „Искрено ја поздравувам ова иницијатива и лично стојам на располагање да го дадам мојот придонес во подигнување на јавната свест“, рече Фикрет Шабани, граѓанин на Боговиње. Тој смета дека апликацијата за анонимно пријавување диви депонии и лица кои фрлаат отпад на несоодветни места, подготвена со овој проект, е токму тоа што им е потребно на граѓаните. „Така ќе се скрши мразот и ќе можат да се пријават оние кои секое скриено место го гледаат како шанса за фрлање отпад и правење дива депонија“, вели Шабани. Дебатата траеше повеќе од три часа, а граѓаните побараа од општината и од комуналните претпријатија итно да постапат и да ги расчистат овие диви депонии. Тимот на Интуита ќе му ги предаде заклучоците на градоначалникот за постапување по нив. Одржувањето на јавната дебата и изложбата беше овозможено со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
|