Повик за смирување на тензиите и продолжување на широките консултации за тнр. „Француски предлог“ |
Петок, 08 јули 2022 11:52 | |||
Актуелните настани не ставаат пред сериозни предизвици, не само како луѓе од граѓанските организации туку и индивидуално, како граѓани. Неколку грантисти на Цивика мобилитас иницираа заедничка реакција на последните случувања во кои насилството се заканува да го заземе местото на мирното протестирање и дебатирање. Во продолжение прочитајте го во целост Повикот и листата на граѓански организации поддржувачи на иницијативата. Последните неколку дена се одвиваат настани на кои не можеме и не смееме да останеме неми набљудувачи. Тие задираат во суштината на демократијата и во нашето делување како граѓански организации. Ги поткопуваат мирот и толеранцијата, вредности кои општеството макотрпно ги гради. Вредности во кои е вложен силен напор на сите општествени чинители, институционални и индивидуални. Напор чиј резултат се изградени односи засновани на прифаќање на разликите и заедничка добивка од меѓузависноста. Нашето мултикултурното општество е заштитниот знак на нашата држава и затоа, не смееме да дозволиме никому да ги руши веќе изградените вредности. Затоа, ние долупотпишаните граѓански организации го осудуваме насилството кое се случи за време на протестите низ кои граѓаните го изразуваат своето несогласување со предлог-преговарачката рамка на ЕУ (тнр. „Француски предлог“) во деловите што се однесуваат на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија. Ги осудуваме сите оние кои свесно или несвесно поттикнуваат насилен развој на протестите. Апелираме до сите вклучени во протестите на одговорно однесување. Бараме од политичките партии јавно да се оградат од ваквите инциденти, а од институциите и граѓаните активно да се заложат за обесхрабрување на учесниците во протестите да прибегнуваат кон насилни дејства. Апелираме до медиумите за професионално и објективно информирање на граѓаните. Мирните протести се еден од начините на изразување на сопственото мислење. Имањето став и неговото презентирање е демократска придобивка. Иако тој став можеби не е споделен со сите сограѓани – решението не е избегнување и премолчување. Затоа апелираме да продолжи дебатата за „францускиот предлог“ на сите нивоа. Таа да биде сеопфатна, да трае толку колку што е потребно за да се презентираат сите аргументи кои ќе водат до информирана одлука „за“ или „против“ предлогот или преку барање на „меѓу-решенија“. Мирот и стабилноста, просперитетот и демократијата се одговорност на сите нас, премногу се скапоцени за да им ги препуштиме само на политичките партии. Граѓански организации поддржувачи на иницијативата:
Напомена: За сите граѓански организации листата за поддршка на иницијативата е отворена за приклучување преку меил: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|