Летна школа за млади: Секој еден против дискриминација |
Среда, 06 јули 2022 16:22 | |||
Човековите права, недискриминацијата, еднаквоста и толеранцијата беа главните теми на летната школа за млади што ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во периодот од 30 јуни до 3 јули 2022 година во Струга. Вкупно 23 млади од цела држава учеа и дискутираа за појавите и ефектите од дискриминацијата но и за придобивките од развојот на мултикултурното општество. „Со оваа летна школа влијаеме на креирање критична маса на идни млади активисти и практичари кои можат ефикасно да ги препознаат клучните предизвици во областа на заштита на човековите права и борбата против дискриминацијата“, вели Александра Савевска, од МЦМС. Учесниците дебатираа за односите меѓу различните групи граѓани во Македонија и потребата од развивање граѓански активизам за справување со големата нетолеранција и дискриминација кон ранливите групи. Активизмот треба да произлезе од самите граѓани, а младите се појдовна точка во креирањето на поголема општествена свест за отворање и решавање на прашањата за родовата еднаквост, социјалната еднаквост, почитувањето на различностите и сл. „Летната школа ни овозможи да ги подобриме знаењата за дискриминацијата, за нејзините елементи, видовите и формите, да ги препознаеме клучните предизвици во областа на заштита на човековите права и борбата со дискриминацијата на национално ниво“, вели Марија Милеска, учесничка на школата. И Рагми Асановски од Куманово е задоволен од стекнатото искуство на летната школа кое вели дека ќе го користи во иднина за да придонесе кон реформирањето на општеството. „Како луѓе, треба да знаеме какови права имаме и дали сме на некој начин дискриминирани, односно да бидеме будни и паметни во таквите случаи“, вели Сабрије Тефики од Тетово. Искуството од летната школа за неа овозможува поголема свесност за универзалните права што ќе и овозможи да им помогне и на другите и да биде поактивна како граѓанка. „За мене како Албанка, ова беше многу добар можност за вмрежување. Запознав прекрасни и амбициозни млади луѓе од различни градови на нашата земја“, додаваа таа. Летната школа за млади е дел од проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, кој го спроведува МЦМС, а финансиски го поддржа Европската Унија. Главната цел на проектот е да придонесе за зајакнување на институционалниот одговор за борба против дискриминацијата и неправедниот третман кон маргинализираните групи и граѓани. „Борбата против дискриминацијата ја согледуваме од два аспекта: прво, преку добро поставени и подготвени институции за брз одговор кон распространетата дискриминација, и второ, преку зголемена граѓанска свест (граѓани, граѓански здруженија, медиуми, итн.) за еднаквост и недискриминација“, вели Савевска. Очекувањата се дека зајакнатите институции ќе имаат поголема доверба од граѓаните и дека тоа ќе ги охрабри да го кренат својот глас пред неправдите. На тој начин, притисокот кој доаѓа од граѓаните ќе влијае на постојано подобрување на институциите.
|