Грантистите на Цивика мобилитас дискутираа за придобивките од саморегулацијата |
Среда, 23 јуни 2021 12:53 | |||
Првиот нацрт на „Кодексот за граѓански организации во Македонија“ беше презентиран вчера, 21 јуни 2021г. на онлајн работилница на која учествуваа 36 претставници на грантистите на Цивика мобилитас. Оваа алатка има за цел да го зајакне системот на саморегулација и да придонесе до поголема професионалност и отчетност на граѓанските организации (ГО) со што се очекува да се зголеми довербата на граѓаните и донаторите во секторот. Александра Савевска, соработник за проекти во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во својата презентација информираше за потребата, подготовката и содржината на Кодексот за граѓански организации. „Ова е добар почеток да ја градиме свестта за внатрешно подобрување, како сакаме да се водиме и што сакаме да постигнеме со нашата работа за подобар развој во опшеството. Сметаме дека една ваква алатка треба да се имплементира во секоја организација, се разбира постепено со мали чекори во делот кој може да се подобри“, истакна Савевска. Kодексот опфаќа седум основни вредности што ја опишуваат работата на граѓанските организации и осум заложби, преточени во 45 стандарди т.е. принципи на работа. Кратката анкета што се спроведе на почетокот на работилницата, во која учествуваа сите, ја покажа перцепцијата на присутните дека јавноста (граѓаните, приватниот сектор, итн.) има делумна доверба во граѓанските организации. Мнозинството од учесниците сметаат дека донаротите во голема мера ја познаваат работата на ГО, за разлика од Владата и државните институции кои делумно ги разбираат и познаваат заложбите во граѓанскиот сектор. Учесниците во групи, дискутираа за ваков систем за саморегулација и се осврнаа на прашања поврзани со легитимитетот, сегашната структура, но и институционализацијата на кодексот во граѓанските организации. Сите учесници се согласија дека Кодексот нуди основни насоки и правила за работата на граѓанските организации кои се едноставни за толкување и примена. Кодексот ќе ги подобри организациите, ќе придонесе за зголемување на довербата на граѓаните и донаторите во граѓанските организации, ќе влијае кон создавање подобра слика за секторот, а со транспарентноста ќе и се овозможи на јавноста да има преглед во активностите и постигнувањата во опшеството. Во следната фаза претставниците на граѓанските организации детално ќе ја разгледаат нацрт верзијата на Кодексот и ќе ги испратат своите сугестии за подобурвање. Оваа работилница е дел од активностите кои ги спроведува МЦМС, преку програмата „Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓански организации“ која е финансирана од Европската Унија.
|