Правилно информирање на граѓаните може да ја врати довербата во успешно спроведување на пописот - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Правилно информирање на граѓаните може да ја врати довербата во успешно спроведување на пописот PDF Печати Е-пошта
Четврток, 22 април 2021 21:19

„Граѓанските организации можат да придонесат во едукација на населението за пописот. Ние правиме многу активности за едукација за избори, а овде на гледам ништо слично. Тие можат да му објаснат на населението зошто треба сите да учествуваат. Со повеќе комуникација и работа на терен и во координација со Државниот завод за статистика (ДЗС) може да се зголеми довербата во процесот“, истакна Александар Кржаловски, директор на МЦМС на тематскиот форум на Цивика мобилитас на тема: „Улогата на медиумите и граѓанскиот сектор во јавното информирање за успешно спроведување на пописот 2021“.

tematski naslovna

За Катерина Синадиновска, претседателка на Советот за етика во медиумите во Македонија, протокот на информации од ДЗС е многу важен. „Одговорноста на медиумите, на граѓанските организации и институциите е голема. Колку повеќе вистински вести кои ги пренесуваат експерти, стручни лица, толку поголема доверба ќе има во процесот“, рече таа.

tematski civica katerina 1

Тематскиот форум на Цивика мобилитас се одржа на 20 април 2021 година во поинаков, телевизиски формат, преку „Емисија 200“ на Телевизија Алсат-М, чиј домаќин и модератор беше новинарот Назим Рашиди. Покрај Кржаловски и Синадиновска, на форумот зборуваше и Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, а кратко интервју имаше и Н.Е. Сибил Сутер Техада, Амбасадорка на Швајцарија во земјава.

Зборувајќи за улогата на граѓанските организации и медиумите во информирањето за пописот Амбасадорката Сутер Техада истакна дека тие „можат да ја интензивираат дискусијата за пописот и да придонесат ова чувствително прашање да биде подобро разбрано од граѓаните. Податоците од пописот не се важни само за институциите, тие се важни за сите“, рече таа. Според неа, медиумите треба да дистрибуираат вистински информации до граѓаните и на тој начин да ја остварат улогата што треба да ја имаат.

tematski civica sibel

На прашањето дали може да гарантира дека до септември, за кога е одложено спроведувањето на пописот, ќе се преземат сите напори за процесот да биде релевантен, директорот Симовски рече дека ако не гарантира не би бил на чело на оваа институција.

„Јас сум 30 години во овој Завод и мојата основна професија е попис. Целта зошто ја прифатив оваа функција е да спроведам навистина статистички попис во оваа земја“, истакна тој. Симовски додаде дека граѓаните можат да бидат спокојни затоа што манипулација со бројките со етничката припадност не може да се случи заради начинот на внесување на податоците кој ги регистрира сите промени.

tematski civica apostol

Зборувајќи за недовербата во процесот, Симовски се согласи дека политичарите максимално влијаеле на создавањето на таква перцепција во јавноста. Во врска со досегашниот тек на информирањето за пописот, тој истакна дека е задоволен од електронските и печатените медиуми кои коректно се поставиле во однос на пописот. Тој препознава одредени негативни тенденции кај дел од онлајн медиумите иако главно пристапот бил коректен. „Бевме максимално транспарентни како институција и веројатно се враќа таа транспарентност и од страна на медиумите“, рече Симовски.

Синадиновска додаде дека до Советот за етика во медиумите не стигнала ниту една претставка за известувањето поврзано со пописот. „Но, факт е дека главни извори на информации беа политичките партии и лидерите. Фокусот беше ставен на тоа што имаат да го кажат политичарите, а не стручњаците“, рече таа. Според неа, за враќањето на довербата, не се проблем граѓаните туку политичарите. „Го поддржав одложувањето заради пандемијата, ама не мислам дека нешто ќе се смени ако не се работи на свеста на политичарите и политичките партии кои треба да станат одговорни“, истакна таа и додаде дека не гледа политичка волја туку нагон да се дискредитира целиот систем.

tematski civica apostol 1

Одложувањето на пописот и неговото одржување во септември дава простор за разговор и постигнување консензус меѓу политичките партии. „За жал“, рече Кржаловски, „не гледам дека има обиди за надминување на проблемите. За Цивика мобилитас, која работи на подобрување на граѓанското учество во креирањето на политиките е важно да се оствари добра соработка со ДЗС“. Тој додаде дека очекува заедничка декларација од политичките партии дека методологијата на пописот е прифатена од сите и уште еднаш нагласи дека  граѓанските организации сакаат да се вклучат и да помогнат во процесот на информирање на јавноста за придобивките од пописот. Ова е во линија на концептот за промоција на ДСЗ во кој, според Симовски, се планира вклучување на локалните и националните медиуми, но и на граѓанските организации. Ваквата промоција ќе се случува во текот на летото доколку се оди според планот.

Новиот формат на тематски форум на Цивика мобилитас беше направен поради пандемијата која му даде предност на онлајн дискутирањето. Важноста на прашањето кое се дискутираше не провоцираше да ја донесеме дискусијата пред поширока публика.

Целата емисија е достапна на овој ЛИНК.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Правилно информирање на граѓаните може да ја врати довербата во успешно спроведување на пописот