Форум за антикорупциски реформи - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Форум за антикорупциски реформи PDF Печати Е-пошта
Вторник, 18 јуни 2019 14:36

Ниско е познавањето на одредбите на Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата (УНКАК) кај засегнатите страни, а вклученоста во процесот на спроведување и ревизија е парцијална. Ова е општиот заклучок изнесен на денешниот (18 јуни 2019 година) Форум за антикорупциски реформи што го организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).

20190618 UNKAK vest

Во Извештајот во сенка за вториот процес на ревизија и имплементација на УНКАК во Република Северна Македонија исто така се констатира дека државните институции не се целосно транспарентни, а постои и недоследна имплементација на домашната регулатива. Извештајот се однесува на спроведувањето на поглавјето 2 (превентивни мерки) и поглавјето 5 (враќање на имот). 

Матиас Хутер од Коалицијата УНКАК се осврна на мерките кои им се на располагање на граѓанските организации за вршење притисокот врз државите за превенција и репресија на корупцијата. „Коалицијата брои повеќе од 350 граѓански организации од преку 100 земји кои се посветени на унапредување на ратификацијата, имплементацијата и следењето на Конвенцијата“, рече тој. Пеџа Џурашевиќ од Транспаренси Интернешнл БиХ ги презентираше  искуствата на Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија во имплементацијата на УНКАК и процесот на ревизија. Увид во најдобрите практики и научените лекции во овие земји содржи Студијата со компаративен преглед на вклученост на граѓанското општество во процесот на ревизија на УНКАК.

20190618 UNKAK vest 2

Граѓанските организации, преку Извештајот во сенка им препорачуваат на институциите доследна примена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси како и обезбедување на целосна независност, ослободена од политички влијанија на ДКСК. Исто така, од особена важност е при спроведувањето на реформите во судскиот систем да се обезбеди постапка за утврдување на интегритет на судиите. Интегритетот, сметаат тие е предуслов за намалување на корупцијата и затоа треба да се предвиди во повеќе области како една од основните анти-корупциски мерки.

Во воведниот дел зборуваа Оливер Ристовски, заменик министер за правда, Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата и Фрек Јанмат, Раководител на сектор од ЕУ делегацијата.

Форумот e организиран во рамките на проектот „Следење на антикорупциски реформи“, што го спроведува МЦМС во соработка со БЦСДН, а финансиски е поддржан од Европската Унија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Форум за антикорупциски реформи