Форум за антикорупциски реформи |
Tuesday, 18 June 2019 14:36 | |||
Ниско е познавањето на одредбите на Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата (УНКАК) кај засегнатите страни, а вклученоста во процесот на спроведување и ревизија е парцијална. Ова е општиот заклучок изнесен на денешниот (18 јуни 2019 година) Форум за антикорупциски реформи што го организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Во Извештајот во сенка за вториот процес на ревизија и имплементација на УНКАК во Република Северна Македонија исто така се констатира дека државните институции не се целосно транспарентни, а постои и недоследна имплементација на домашната регулатива. Извештајот се однесува на спроведувањето на поглавјето 2 (превентивни мерки) и поглавјето 5 (враќање на имот). Матиас Хутер од Коалицијата УНКАК се осврна на мерките кои им се на располагање на граѓанските организации за вршење притисокот врз државите за превенција и репресија на корупцијата. „Коалицијата брои повеќе од 350 граѓански организации од преку 100 земји кои се посветени на унапредување на ратификацијата, имплементацијата и следењето на Конвенцијата“, рече тој. Пеџа Џурашевиќ од Транспаренси Интернешнл БиХ ги презентираше искуствата на Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија во имплементацијата на УНКАК и процесот на ревизија. Увид во најдобрите практики и научените лекции во овие земји содржи Студијата со компаративен преглед на вклученост на граѓанското општество во процесот на ревизија на УНКАК. Граѓанските организации, преку Извештајот во сенка им препорачуваат на институциите доследна примена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси како и обезбедување на целосна независност, ослободена од политички влијанија на ДКСК. Исто така, од особена важност е при спроведувањето на реформите во судскиот систем да се обезбеди постапка за утврдување на интегритет на судиите. Интегритетот, сметаат тие е предуслов за намалување на корупцијата и затоа треба да се предвиди во повеќе области како една од основните анти-корупциски мерки. Во воведниот дел зборуваа Оливер Ристовски, заменик министер за правда, Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата и Фрек Јанмат, Раководител на сектор од ЕУ делегацијата. Форумот e организиран во рамките на проектот „Следење на антикорупциски реформи“, што го спроведува МЦМС во соработка со БЦСДН, а финансиски е поддржан од Европската Унија.
|