Граѓанските организации подготвени за Глобалната агенда 2030 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации подготвени за Глобалната агенда 2030 PDF Печати Е-пошта
Вторник, 28 март 2017 14:51

На 23 и 24 март 2017 г. се одржа обука под наслов „Застапување за активно вклучување на граѓанските организации во развојните политики“ во х. Скардус, Попова Шапка. Целта на обуката беше зголемување на информираноста на граѓанските организации за развојна помош и глобална соработка, како и унапредување на знаењата и вештините за вмрежување и застапување. Учествуваа 14 претставници на граѓански организации кои  и досега беа дел од активностите на проектот, или пак имаат интерес и потенцијал за застапување за развојни прашања.

Gragjanskite organizacii podgotveni za Globalnata agenda 2030 1

Гордана Несторовска, во улога на обучувач, на учесниците им го претстави контектстот во кој делуваат граѓанските организации како и достапните механизми и можности да учествуваат и влијаат во процесите на креирање политики. Тие добија практичен вовед во клучни вештини, алатки и методи за влијание. Беа рефлектирани спецификите во однос на развојните политики, т.е. зошто е важно стратешки да се размислува за развојните политики. Учесниците дискутираа за тоа до каде се развојните политики во Македонија, а разменија и искуства од учество на настани за глобални прашања. Особен интерес предизвикаа можностите за подготовка на извештаи во сенка и механизмите за обезбедување на учество на граѓанските организации во комисиите на Обединетите Нации. Дискутирана беше и потребата од градење соработка и средби со релевантните институции за развојни политики (Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања итн.), како и потребата самите организации да бидат реални околу тоа што можат да придонесат кон партнерството.

Марјан Хуч, долгогодишен директор на СЛОГА, словенечката платформа за развојна соработка, ги сподели искуствата од Словенија од првиот обид за воспоставување на национална мрежа за развојна соработка во 2011 година. Тој ги пренесе најдобри практики во стратешко застапување за развојна соработка од ЕУ и регионот, како и конкретни примери за успешни мрежи (Чешка, Хрватска) на граѓански организации за застапување и нивните активности.

Gragjanskite_organizacii_podgotveni_za_Globalnata_agenda_2030

Учесниците се запознаа со важноста на развојната соработка, како се менувалa и која е иднината. Понатаму беа разгледани предизвиците од ефективна развојна соработка во контекст на зголемувањето на светската популација, растот на температурите и несоодветното справување на државите со миграцијата, ситуацијата со Брегизт и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, како и Кинескиот модел на развојна помош кој се повеќе зема замав. Развојната соработка е финансиски обезбедена главно од јавни пари и од донации од граѓаните, но до 2030 година се очекува и приватните компании да даваат поддршка. Многу чинители стравуваат дека ова ќе води кон некохерентни практики, уништување на локално производство како и повреди на човекови права. Хуч пренесе и како Одржливите развојни цели може да се користат во работата на организациите во Македонија. Еден пример е подготовката на извештај во сенка, што го прави СЛОГА. Тој истакна дека анализата на вакви прашања бара висок професионализам и ги поттикна учесниците да размислуваат за промовирање на концептот на глобалното образование, како почетна точка. Учесниците најмногу се интересираа за тоа од каде да започнат со размислување за своето вклучување и придонес кон развојните политики. 

На крајот, тие подготвија листа на чекори кои треба заеднички да ги реализираат за успешно зајакнување на капацитетите, зголемување на информираноста, и започнување на потенцијална соработка со институциите на ова прашање, на кои би работеле во следните месеци.

Обуката е дел од регионалниот проект „Подготовка за развојна помош”, кој МЦМС го спроведува на национално ниво. Регионален координатор на проектот е Хоризонт3000, Проектот е финансиран од Австриската развојна агенција, како и Хоризонт 3000.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации подготвени за Глобалната агенда 2030