Регионална работилница на СЕЛДИ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Регионална работилница на СЕЛДИ PDF Печати Е-пошта
Петок, 08 мај 2015 13:09

На 28 април 2015 г. во Белград се одржа работилница за политиките во Југоисточна Европа, со посебен осврт на енергетскиот сектор. Овој сектор беше идентификуван во Регионалниот извештај за антикорупција на СЕЛДИ како еден од оние со највисок ризик за корупција во регионот, особено поради опасноста од појава на феноменот на „заробена држава“ (state capture). Работилницата ја организираеше Центарот за либерално демократски студии од Белград,  еден од српските партнери во мрежата СЕЛДИ. Борјан Ѓузелов го претставуваше МЦМС на оваа работилница.

b0d3b9fed1

Тема на работилницата беа компаративните специфики на антикорупциските системи во регионот. Борис Беговиќ, од српскиот Центар за либерално демократски студии, направи осврт на променливата структура на корупцијата во Србија. Според него, во последните 10 години, корупцијата станала поцентрализирана и сега ги вклучува лицата од највисоко политичко ниво. Тој истакна дека само по себе постоењето на антикорупциска легислатива и стратегија не е доволно, се додека јавните институции не се доволно ценети и признаени од политичките елити и граѓаните.

Валентина - Андреа Димулеску, од Романско академско друштво (SAR), потенцираше дека и покрај растот на контрола на корупцијата и зголемениот број апсења, Романија се уште се смета за една од најкорумпираните земји во ЕУ. Таа забележа дека има постојано политичко влијание од страна на моќни поединци без оглед на менувањето на власта, а постојат и обвинувања за политички мотивирани апсења.

Според Мунир Подумљак, од хрватската организација Партнерството за општествен развој (ПСД), во Хрватска има неколку успешни примери. Бирото за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) е еден од нив. Тој забележа дека судиите, извршителите и полицијата на УСКОК спроведуваат кратки процедури и донесуваат брзи казни, слично на процедурите на италијанскиот анти-мафија систем. Сепак, овој систем е високо политизиран, селективен во случаите на висока корупција и често пати не ја ужива довербата од граѓаните.

52a45fd5ab

Учесниците во дискусијата се осврнаа на механизмите кои ќе осигурат ефикасно и независно функционирање на државните агенции за антикорупција. Тие забележаа дека државните агенции работат во комплексна и динамична средина бидејќи коруптивните практики и актери се брзо променливи и иновативни, а нивните ресурси (финансиски и човечки) се ограничени.

Работилницата е дел од проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавна свест“ кој е финансиран од Европската комисија, Директорат за проширување. Во проектот се вклучени повеќе од 20 граѓански организации од девет држави од регионот (Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција). Носител на проектот е бугарскиот Центар за изучување на демократијата (ЦСД), а македонски партнери во овој проект, покрај МЦМС се и Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Регионална работилница на СЕЛДИ