МЦМС спомнат во Конгресот на САД |
Среда, 29 април 2015 00:00 | |||
На 29 април оваа година Сузан Фриц, вршител на должноста помошник администратор за Европа и Евроазија на УСАИД, во Комитетот за надворешни работи на САД, подкомитет за Европа, Евроазија и новите закани го презентира документот „Напредокот и предизвиците во Западен Балкан“. Таа, меѓу другите, презентираше и дел од проектите кои УСАИД ги поддржува во Македонија и во таа насока зборуваше за Програмата на УСАИД за антикорупција што ја спроведува МЦМС заедно со партнерските организации. Таа истакна дека со проектот е формирана коалиција на граѓански организации кои се истомисленици и кои се „подготвени и способни да ги повикаат институциите на отчетност. Коалицијата за анти-корупција, на 25 март 2015 година издаде заедничка изјава“, рече Фриц „во која ги повикува релевантните институции во рок од триесет дена да постапиат по наводните злоупотреби, незаконското постапување, корупцијата и кршење на човековите права кои се појавиле на виделина неодамна.“ Претходно Сузан Фриц кратко го извести Комитетот за актуелната состојба во Македонија, за постигнатиот напредок и за „загрижувачките знаци“ како што ги нарече таа кои се појавиле неодамна. Според неа, политичкиот плурализам продолжува да постои во ограничени облици, предизвиците за граѓанско учество и партиципација во управувањето и владината отчетност се чини дека се зголемуваат.
|