Граѓаните на Шуто Оризари задоволни од резултатите од Форумот - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните на Шуто Оризари задоволни од резултатите од Форумот PDF Печати Е-пошта
Вторник, 02 декември 2014 15:14

На 28 ноември 2014 година во просториите на  општина Шуто Оризари се одржа шестата форумска сесија од програмата „Форуми во заедниците“. Покрај прегледот на форумскиот процес, на граѓаните им беа презентирани резултатите од реализираниот проект „Реновирање и санација на споредни улици“ со кој беше направено реновирање и санација на ул. Диме Мечето (крак 1 и 2) и ул. Дринска (крак 1 со крак 4, крак 2 и крак 3 со крак 4).

gragjanite na Shuto Orizari zadovolni od rezultatite od forumot 1

Целта на проектот беше  да се придонесе кон поквалитетен и побезбеден живот на граѓаните на општина Шуто Оризари преку инфраструктурно уредување на споредните улици во општината. Вредноста на овој проект изнесува 5.603.026 денари од кои 2.400.000 денари беа обезбедени како донација од Швајцарската агенција за развој и соработка, а 3.203.026 денари се општински средства.

„Форумот беше интересен процес кој даде вистински резултати“, ни рече Мерсина Куртеши, учесничка на форумот. „На оваа сесија слушнавме за реализираните проекти и активности, па сакам да напоменам дека овој го сметам за еден од ретките проекти кој има видлива реализација. За разлика од останатите, овој проект е видлив - се градат улици, патишта. Би замолила до одговорните и понатаму да се реализираат такви проекти“, рече Куртеши. И нејзиниот сограѓанин Јашар Рамко не го криеше задоволството од резултатите. „Навистина порано многу се влеваше вода по улицата дури и до нашите домови, а сега веќе тој проблем е надминат“, ни рече тој. 

gragjanite na Shuto Orizari zadovolni od rezultatite od forumot 2

На крајот од сесијата беше презентирана информација за преземените активности и состојбата на препораките кои граѓаните му ги предадоа на Градоначалникот на општина Шуто Оризари на петтата форумска сесија.

Во име на  градоначалникот на граѓаните им се обрати  Аднан Мемед, секретар на општина. Тој изрази благодарност до Швајцарската агенција за развој и соработка и МЦМС за одличната соработка во текот на спроведувањето на проектот, а на крајот на сите ѝм посака и во иднина да продолжат заеднички да остваруваат уште многу вакви проекти, избрани од граѓаните.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните на Шуто Оризари задоволни од резултатите од Форумот