Спорот за името 2013 - извештај од анкета на јавното мислење |
![]() |
![]() |
![]() |
Четврток, 16 јануари 2014 09:59 | |||
Во пораст е ставот против каква било промена на името. Мнозинството граѓани (62,4 %) се против каква било промена на името, (48,4 % во 2010 г. и 45,3 % во 2011 г). Тоа е потцртано и со ставот дека на големо мнозинство на граѓани (70,3 %) не им е прифатлива ниту една географска одредница. Мнозинството кое е за никаква промена е поголемо меѓу етничките Македонци - 79,7% се за никаква промена. За разлика од приближувањето на ставовите меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во 2011 г. сега постои одредено оддалечување. Ставовите на етничките Македонци и етничките Албанци во 2011 г. се приближуваа во однос на решението за спорот и поддршката на референдум. И во 2013 г. повеќето ставови остануваат во иста насока, на пример никаква промена е став на 23,4 % етнички Албанци и е најчест став, но поради порастот на таквиот став меѓу етничките Македонци од 57 % на 79,7 % се зголемува јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Оддалечувањето е највидливо во ставовите за „зачувување на името“ наспроти „евроатлантските интеграции“, кои се од важност за сите, но при избор од тие два приоритети 64,9 % од етничките Македонци би избрале зачувување на името, а 68 % етнички Албанци би избрале евроатлантски интеграции. Идентитетот продолжува да биде гранитна црвена линија, што се огледува и во ставот против било каква промена, но и во противењето на додефинирање во ООН на националноста/ државјанството (71,5 %) и на македонскиот јазик (73,6 %). Идентитетот е клучен фактор во спорот, и 53,8 % од граѓаните како главна пречка за решавање на спорот го гледаат неприфаќањето на Грција на реалноста за постоење на Македонија, Македонци и македонски јазик, а за 32,9 % од граѓаните главна закана е дека и ако се реши спорот за името Грција ќе бара нови отстапки во идентитетот и јазикот. Граѓаните согледуваат потреба за градење на широк договор, а најодговорен за градење на широк договор е Владата на Македонија. Мнозинство граѓани (66,3 %) од сите етнички и партиски припадности поддржува референдум за договор за името. Поддршката за референдум е во пораст од 2010 г. - 54,4 %, на 64 % во 2011 г. и 66,3% во 2013 г. На референдум - против договорено име за севкупна употреба. Мнозинство граѓани (62,7 %) би гласале против предлогот Горна Република Македонија за севкупна употреба, додека помало мнозинство (58,4 %) би било против предлогот, и во моментот кога земјата ќе стане членка на ЕУ. Интеграции во ЕУ/ НАТО и зачувување на името и со нив асоцираните закани се главните фактори кои влијаат на спорот за името. Во случај на нерешавање на спорот како главни закани се доживуваат застој во евроатлантските интеграции (32,3%), економски застој (26,1%) и влошување на меѓуетничките односи (23,7%). Во случај на решение за спорот за името, како главни закани се доживуваат грчките барања за нови отстапки во идентитетот (32,9%), раскол и тензии на предавници и патриоти (20%), и дека ЕУ нема да ја прими Македонија поради застој во проширувањето (12,8%). Се чини дека доживувањето на овие закани како закани за опстанокот на нацијата се главен двигател за одбивање договор со Грција. Затворен е малиот прозорец за договор, грчката блокада го зголемува отпорот меѓу граѓаните. И додека во 2011 г. постоеја одредени надежи за мал прозорец за договор, делумно поврзан и со очекувањата од постапката пред Меѓународниот суд за правдата, во 2013 г. станува јасно дека таквиот прозорец се затвора. И покрај личните желби за постигнување договор во краток период, опаѓа оптимизмот дека е можно брзо решение. Показател на зголемениот песимизам е зголемување на ставот дека договор никогаш нема да се постигне и намалување на очекувањето за побрзо решавање на спорот. Граѓаните, без обѕир на одредени разлики, сметаат дека поголем дел од вината за нерешавање е во недоволното залагање на грчката страна. Порастот на противењето на каква било промена на името (никаква промена), како и порастот на ставот за зачувување на името, може да се поврзе со грчката блокада на евроатлантските интеграции, односно блокадата најверојатно го зголемува отпорот кон решение. Како резултат на тоа 44,9 % граѓани сметаат дека е потребно да се суспендираат или прекинат разговорите под покровителство на ООН. За договор потребно е вклучување на премиерите на двете земји и на трета страна како САД, ЕУ и Германија. Испитувањето на јавното мислење направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември – 1 декември 2013 г на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници со +/- 3 % грешка. Анкетата ја спроведе М-проспект, чија одговорност беше и нејзината методолошка исправност.
|