Одобрен Деловниот извештај и избран нов состав на Управниот одбор |
Петок, 31 мај 2013 00:00 | |||
На 31 мај 2013 година во МЦМС членовите на Советот ја одржаа својата прва редовна седница. На дневниот ред беше Деловниот извештај за 2012 година со финансиски извештај и извештај на независниот ревизор, како и дополнителен избор за упразнето место на член во Советот, вклучување (кооптација) на два члена заради афирмативност во Советот и избор на нов состав на Управниот одбор. Извештајот за работата го презентираше Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС. Тој истакна дека во претходната 2012 година МЦМС имаше портфолио од 12 проекти и буџет од околу 49 милиони денари. МЦМС ги продолжи активностите во образованието, односно во инфраструктурното уредување на училиштата и во пристапот на Ромите до фондови. Кон крајот на годината започна и програмата за оспособување на жените од регионите погодени од конфликтот, а продолжија и активностите за партиципативно граѓанско учество што се одвиваат преку Форумите во заедниците. МЦМС и понатаму спроведуваше активности кои се однесуваат на доброто владеење и на вкоренување на граѓанското општество. Членовите на Советот најмногу се интересираа за присуството на МЦМС во медиумите и изразија задоволство од постигнатите резултати. По кратката дискусија тие едногласно го усвоија Деловниот извештај за 2012 година. На истата седница МЦМС спроведе избори со кои го комплетираше составот на Советот што беше избран на 14 декември 2012 година. Еден член беше избран за упразнето место кое настана по смртта на членот на Советот Јагуп Селимовски, а се избираа и два нови члена со постапката на дополнително вклучување (кооптација) со која, според Правилникот за избори на органи на МЦМС, се влијае на подобрување на афирмативноста на составот на Советот, во случајов подобра застапеност на жените. Новите членови на Советот на МЦМС се: Африм Таири (ИВЗ), Марија Ацковски (ЕМЦ) и Никица Кусиникова (Конект). Членовите на Советот го избраа и новиот состав на Управниот одбор кој сега го сочинуваат: Ризван Сулејмани, Ѓоко Ѓорѓевски , Ратко Лазаревски, Габриела Мицевска, Горан Михајловски, Ванчо Стојанов и Бехиџудин Шехапи. Мандатот на Советот истекува на 14 декември 2016 година, а на Управниот одбор на 30 мај 2017 година.
|