1998 – МРФП и награда од ЕУ и САД |
Четврток, 01 декември 2011 09:17 | |||
1998 година на МЦМС му ја донесе најголемата награда, Наградата за демократија и граѓанско општество, доделена од САД и ЕУ. МЦМС ја основа Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) како дел од напорите за поголемо влијание во секторот на МСП и вработување. Законот за здруженија на граѓани и фондации е прв успешен пример за лобирање и застапување. Периодот 1998-2000 година беше многу значаен за МЦМС, за целата држава и за регионот. МЦМС се фокусира на одржливиот развој и градењето свест, наместо на развојот и рехабилитацијата кои беа фокус во претходниот период. И, секако, клучен фокус во овој период беше градењето на мирот и разбирањето. 1998 година на МЦМС му донесе неколку успеси: Наградата за демократија и граѓанско општество, доделена од САД и ЕУ, започнување на среднорочниот план 1998-2000 година, основањето на Македонската развојна фондација за претпријатија – МРФП. МЦМС ја доби САД/ЕУ наградата за демократија и граѓанско општество На 18 мај 1998 година на МЦМС му беше доделена САД/ЕУ Наградата за демократија и граѓанско општество. „Во име на Соединетите држави на Америка и Европската заедница, со воодушевување ја истакнуваме вашата храброст и посветеност во промоцијата на основните принципи кои ја поддржуваат демократијата и граѓанското општество. Вашите напори даваат поттик и инспирација за сите нас“, се вели меѓу другото во обраќањето на Бил Клинтон, Жак Сантер и Тони Блер. САД/ЕУ Наградата за демократија и граѓанско општество е воспоставена една година претходно по повод 50 годишнината од Маршаловиот план и 40 годишнината од Римскиот договор. “Наградата е големо признание за досегашната работа на МЦМС, но и предизвик за работењето во иднина. Наградата за демократија и граѓанско општество доделена од САД и Европската унија е признание и поддршка за постигнување на идеалот. Таа е потврда дека меѓународната заедница ќе ги поддржи и помогне оние кои се подготвени самите на себе да си помогнат. Можеби МЦМС и сите граѓански организации се немоќни во постигнувањето на идеалот, но наше право е да сонуваме и да работиме за заедничка иднина и за таа цел да дадеме се од себе, заедно“, рече програм директорот на МЦМС Сашо Клековски при добивањето на наградата. Заради поттикнување на натамошниот развој на демократијата и граѓанското општество, МЦМС одлучи наградата во износ од 20.000 УСД да ја употреби за основање Фонд за награда за придонес во развојот на граѓанското општество на локално ниво.
|