1996 – Водата е најважна |
Вторник, 29 ноември 2011 19:59 | |||
МЦМС ги поддржуваше развојните иницијативи на село. Излезе првиот број на НВО Билтенот и на Адресарот на НВО во Македонија. Се организираа првите обуки за раководење со проектен циклус. МЦМС се пресели во своето сегашно седиште. Оваа година МЦМС се пресели во нови простории, тогаш по овој повод директорот Сашо Клековски рече дека „ако 1993 беше година на основање, 1994 застанување на нозе, тогаш 1995 и 1996 се години на консолидација и градење на одржливи програми“. Програмата за селските развојни иницијативи поддржа иницијативи во етнички мешани средини, како придонес за подобрување на меѓуетничките односи преку развојните иницијативи. Прво доверба па вода Селото Канатларци се наоѓа во јужниот дел на Прилеп. Во него постојано живеат 240 домаќинства или 1100 жители. Од нив 91% се етнички Турци, а 9% етнички Македонци, Во периодот од 1950 до 1980 година во Турција имигрирале преку 200 домаќинства. Извор на егзистенција за жителите од ова село е исклучиво земјоделието и тоа најчесто тутунот, житото и лубениците. Најголем дел од семејствата работат на изнајмена земја, Производството е на границата на исплатливост. Првите контакти со селото МЦММС ги направи во 1994 година. Во почетокот во селото не постоеше иницијатива за подобрување на водоснабдувањето. Причина за тоа е големата маргинализираност, како и фактот дека луѓето излезот од ситуацијата го гледале во емигрирањето и секако во бројните празни ветувања што ги добивале во текот на изминатите 50 години. Во почетокот на 1995 година МЦМС успешно работеше и во други малцински села, меѓу кои и соседните села Десово и Црнилиште. Ова беше многу важно за воспоставување на довербата. Во селото луѓето со вода се снабдуваа од неколку чешми што комплетно пресушуваа во летниот период. Со изградбата на меѓусебната доверба е формиран Комитет за водоснабдување кој ги започна активностите за изградба на централен водовод со кој во селото ќе се донесе вода од околу 2 км оддалеченост. Селаните учествуваа со 53,7% од вкупната вредност на проектот со работна рака и парични средства. Водоводот се изгради за 10 месеци и беше пуштен во употреба во месец август. Сите домаќинства поставија водомери и плаќаат за употребата на водата.
Годишен извештај на МЦМС за 1996 година.
|