Реновирањето заврши – радоста ќе трае! |
Петок, 14 октомври 2011 08:06 | |||
На 5 октомври 2011 година никој во училиштето Гоце Делчев во Демир Хисар не го криеше задоволството и радоста за новите прозорци и шесте реновирани санитарни јазли – еден од најгорливите проблеми на учениците, родителите и наставниците. Завршувањето на реновирањето беше одбележано со свечена програма што ја подготвиле учениците и нивните наставници. „Ситуацијата во училиштето беше катастрофална уште кога јас учев во него", вели Бети Коруновска која сега има две деца кои учат во ова училиште. „Време беше некој да обрне внимание на тој важен дел кој директно се однесува на здравјето на учениците". Училиштето е градено пред повеќе од 60 години, а според зборовите на Горан Костовски, директор на училиштето, од тогаш се реновирани само еднаш, во средината на 90-тите години кога на подовите се ставени плочки. „Векот на траење на тоалетите одамна им беше поминат, состојбата беше очајна, а условите за одржување на хигиената многу тешки. Во последните два-три планови ова беше наш приоритет, ама секогаш се соочувавме со недостаток на финансии", додава Костовски. Во училиштето учат 366 ученици. „Пресреќни се", вели Коруновска, „и малите и големите. Толку многу зборуваат за ова, дури сега откако заврши реновирањето сфативме колку ги тиштел тој проблем". За директорот Костовски споредба меѓу претходната и сегашната состојба не може да се направи, „многу е голема разликата", вели тој. Костовски е изненаден и од соработката со МЦМС. „Во нашата средина сме немале досега такви активности и таква соработка – многу интензивно, многу коректно и многу брзо се одвиваа контактите и работата и се дојде многу изненадувачки за нас. Не верував дека се ова може да се сработи за еден месец, но праксата ме демантираше. За еден месец, она што го чекавме години и години, заврши многу брзо. Во ваква мала средина, таква голема донација за толку краток период – како од бајките", додава со насмевка. И родителите и директорот имаат планови за идните инвестиции. „Хигиената да продолжи да се надградува, да се смени столаријата и подовите таму каде што има потреба", вели Коруновска. За Ристе Велевски, домаќин во училиштето приоритет е електричната инсталација и прозорците на северната страна. Сепак, овој успешен проект им дава надеж дека и другите планови ќе се реализираат. „Нема родител што сум го сретнал што не рекол колку е задоволен и среќен заради овие активности што ги презема училиштето заедно со МЦМС и Сокотаб", ни рече на крај Костовски. Проектот го спроведе МЦМС со финансиска поддршка од Сокотаб. Подготовката на проектот, изведбата и надзорот чинеше околу 3.350.000 МКД. Во периодот од 2007 до 2010 година МЦМС со финансиска поддршка од Сокотаб од Швајцарија и неговите партнери успешно реализираше проекти за реновирање на 8 рурални основни училишта, од претходно селектирани општини каде што претежно се одгледува ориентален тутун.
|