Меѓуетничките односи денес подобри од пред 2001 г., оптимизам за перспективите |
Четврток, 07 јули 2011 08:38 | |||
[Прес соопштение] МЦМС спроведе сеопфатна студија на Охридскиот рамковен договор. Дел од таа студија е истражувањето на меѓуетничките односи во Македонија. Истражувањето на меѓуетничките односи се објавува во четири дела. Сега го објавуваме делот 4 „Квалитет на меѓуетнички односи". Меѓуетничките односи важни лично и важни за Македонија, но шести по ранг на прашања кои загрижуваат. Големо мнозинство граѓани сметаат дека меѓуетничките односи се важни лично (78,4 %) и за Македонија (86,3 %). Од друг агол погледната важноста, како прашање кое најмногу ги загрижува граѓаните, меѓуетничките односи ги загрижуваат 3,9 % од граѓаните и е шесто прашање по ранг по невработеноста, сиромаштијата, економијата (трите збирно се 77,7 %), корупцијата/ криминалот (9,5 %), влез во ЕУ/ НАТО (4,9 %). Десет години од вооружениот конфликт - незначително малцинство ги перципира односите како непријателски. Граѓаните најчесто ги оценуваат меѓуетничките односи како воздржани (33,2 %), 18,4 % ги сметаат за ривалски, 17,7 % за мирољубива коегзистенција, 16,9 % сметаат дека постои меѓуетничка соработка, а незначително малцинство од 9,4 % ги оценуваат односите како непријателски. Највисока перцепција за непријателски односи има во вардарскиот (18,5 %) и во полошкиот (18,2 %) регион, а највисока перцепција за соработка има во југозападниот (28,6 %) и во североисточниот (24,7 %) регион. Меѓуетничките односи подобри од пред 2001 г., оптимизам за нивната иднина. Меѓуетничките односи денес се оценети со 2,8, пред 2001 г. со 2,7, а граѓаните очекуваат подобрување за 5 години на 3,2 на скала од 1 до 5, каде 5 е највисока оценка. Оценката е позитивна и покрај негативното влијание на „Кале" и на предвремените парламентарни избори. Етничките Албанци, Турците, Бошњаците и Ромите ги оценуваат меѓуетничките односи денес како подобри од пред 2001 г. и имаат позитивни очекувања за подобрување за 5 години. Етничките Македонци еднакво ги оценуваат меѓуетничките односи денес и пред 2001 г. (2,9), а очекуваат напредок на 3,2 за 5 години. Најмногу предрасуди кон етничките Албанци и кон Ромите. Најмногу граѓани (41,6 %) мислат дека постојат предрасуди за етничките Албанци. Потоа следуваат Ромите (24,2 %) и етничките Македонци (14,3 %). 8,4 % граѓани сметаат дека не постојат предрасуди. И најмногу недоверба кон етничките Албанци и кон Ромите. Највисока недоверба постои кон етничките Албанци (33 %), а потоа кон Ромите (22,0 %). 12,8 % од граѓаните мислат дека имаат доверба во сите етнички групи. Етничките Македонци најмногу недоверба имаат во етничките Албанци (45,4 %) и во Ромите (25,1 %), најмалку во етничките Бошњаци (1,7 %) и во Србите (1,6 %) и во Власите (1%), а 14,1 % немаат недоверба. Најмногу недоверба во етничките Албанци имаат и Ромите, етничките Срби и Власите. Етничките Албанци најмногу недоверба имаат во етничките Македонци (43,4 %) и во Ромите (18,4 %), а најмалку недоверба имаат во етничките Бошњаци (0,3 %). Етничките Турци (26,2 %) и Бошњаците (39,9 %) најчесто немаат недоверба. Истражувањето е спроведено со теренска анкета во домаќинствата во мај 2011 г. на национален репрезентативен примерок од 2.087 испитаници и он-лајн анкета со нерепрезентативен примерок од 24 јавни/информирани личности во Република Македонија. МЦМС му ја довери теренската анкета на Институтот за демократија – Скопје (ИДСЦС).
|