Најголема поддршка за мешање во спорт и забава, на работно место, посакувана во политички партии, а најмала за мешани бракови - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Најголема поддршка за мешање во спорт и забава, на работно место, посакувана во политички партии, а најмала за мешани бракови PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 04 јули 2011 08:43

megjuetnickite-odnosi-vo-makedonija[Прес соопштение] МЦМС спроведе сеопфатна студија на Охридскиот рамковен договор. Дел од таа студија е истражувањето на меѓуетничките односи во Македонија. Истражувањето на меѓуетничките односи ќе биде објавено во четири дела. Сега го објавуваме делот 3 „Социјална близина и хоризонтална поврзаност".

Големо мнозинство (79,4%) од граѓаните има добро лично искуство со другите етнички заедници. Мнозинството граѓани (59.2%) верува дека повеќе мешање во сите области ќе води кон подобри меѓуетнички односи. Дека употребата на македонскиот јазик кај немнозинските заедници обезбедува добра комуникација со мнозинството е став на 79,3% од граѓаните.

Мнозинството граѓани (59,2%) верува дека повеќе мешање ќе води кон подобри меѓуетнички односи. Најголема е поддршката за мешање во спорт и забава (81,5%), на работно место (71,5%), посакувана е во политички партии (65,7%), а најмала е за мешани бракови (25,6%).

Од просторот во кој опстојуваме, како простор со јасно или со главно изразен етнички идентитет, граѓаните ги сметаат најмногу соседствата (55,7%), училиштата (49,7%) и најмалку работниот простор (34,8%). И обратно како најнеутрален или споделен простор се перципира работниот простор (48,7%), потоа училиштата (46,9%) и на крај соседствата (41,8%).

Медиумите се главен извор на информации за другиот, соседството со најпозитивни, а политичките партии со најнегативни ефекти врз меѓуетничките односи. Граѓаните најчесто се информираат за другите етнички групи од медиумите (48,2%), а потоа од лично искуство (17,9%) и образовниот систем (17,8%). Најпозитивен ефект на меѓуетничките односи има соседството (79,5%), а најнегативен ефект имаат политичките партии (60,7%). Покрај соседството, големо мнозинство на граѓани мислат дека позитивни ефекти врз меѓуетничките односи имаат и училиштата, граѓанскиот сектор и приватниот сектор. Мнозинство граѓани (52,6%) мисли дека и медиумите имаат позитивен ефект, а со тоа не се согласуваат 45,1%.

Живееме во етнички хомогени соседства кои имаат изразен етнички идентитет, но не би се иселиле од нив. Четири од пет граѓани (80,2%) имаат перцепција дека живеат во соседства во кои сите или повеќето соседи се од иста етничка припадност. Етничките Македонци (84,1%) и Албанци (78,5%) најчесто живеат во етнички хомогени соседства, по што следат Ромите (73%). На можноста на мешање во соседствата значајно влијае изразеноста на етничкиот идентитет во нив. Мнозинство од граѓаните (55,7%) мислат дека нивното соседство е простор со јасно или главно изразен етнички идентитет, а 34,5% мислат дека нивното соседство е етнички неутрално и 7,3% мислат дека е споделен простор. 51,5% од етничките Македонци, а 68,9% од етничките Албанци мислат дека нивното соседство е простор со јасно или главно изразен етнички идентитет. Во случај на промена на етничката структура на соседството не би се иселиле два од три граѓани (66,6%), а еден од пет граѓани (19,1%) би се иселил, додека 14,2% не знаат или немаат одговор.

Малку пријатели од друга етничка припадност. Еден од три граѓани (31,6%) нема пријател од друга етничка припадност. 35,6% од етничките Македонци, 27,7% од етничките Албанци и 25,3% од Ромите немаат пријатели од друга етничка припадност.

Поддршка за образовен систем во функција на мултикултурно општество. Граѓаните поддржуваат изучување на јазиците на другите етнички групи, подобра подготовка на учениците за мултикултурализам и за комплексноста на историјата.

48,7% од граѓаните сметаат дека јазиците на другите етнички заедници треба да се изучуваат. Мнозинството граѓани (54,3%) сметат дека образовниот систем несоодветно ги подготвува учениците за живот во разнолико општество. Мнозинство граѓани (53,9%) сметаат дека образовниот систем несоодветно го гради разбирањето на учениците за постоењето на повеќе различни погледи на историјата. 49,7% од граѓаните одговориле дека училиштата се простор со јасно или главно изразен етнички идентитет, а 38% сметаат дека се простор кој е неутрален. Етничките Македонци почесто го перцепираат училиштето во нивната околина како неутрално (44,4%), од друга страна мнозинството етничките Албанци (67,5%) го перцепираат училиштето во нивната околина простор со јасен и главно изразен етнички идентитет. Перцепцијата за застрашување на ученици поради нивната етничка припадност, е дека никогаш нема застрашување (44,2%), дека тоа повремено се случува смета секој трет граѓанин (34%) и често (11,2). Почесто застрашување на ученици поради нивната етничка припадност перцепираат Ромите (33,6% понекогаш, 31,6% често).

Медиумите се од големо значење за меѓуетничките односи, бидејќи граѓаните информациите за другите етнички заедници најчесто (48,2%) ги добиваат од медиумите. Од друга страна поделено е мислењето за нивниот ефект врз меѓуетничките односи: 52,6% го сметаат за позитивен, а 45,1% го сметаа за негативен. Во однос на потребата од повеќе двојазични или повеќејазични програми и други мултикултурни содржини на медиумите, граѓаните се поделени: 48,5% сметаат дека нема потреба и 47% сметаат дека постои таква потреба. Во однос на влијанието на социјалните медиуми врз меѓуетничките односи, поделен е ставот за нивното позитивно (42,7%) или негативно влијание (45,9%).

Посакувана мултикултура во политичките партии, но нејзе ја нема таму. Мнозинство граѓани (65,7%), од сите етнички припадности, сметаат дека политичките партии треба да бидат мултикултурни. Мнозинството граѓани (63,6%) сметаат дека мултикултурноста не е одразена во програмите и раководствата на политичките партии и големо мнозинство граѓани (72,8%) смета дека политичките лидери не се пример за мултикултура.. Највисока перцепција од 41% за мултикултурноста на политичките партии имаат Ромите.

Истражувањето е спроведено со теренска анкета во домаќинствата во мај 2011 г. на национален репрезентативен примерок од 2.087 испитаници и он-лајн анкета со нерепрезентативен примерок од 24 јавни/информирани личности во Република Македонија. МЦМС му ја довери теренската анкета на Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС).

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Најголема поддршка за мешање во спорт и забава, на работно место, посакувана во политички партии, а најмала за мешани бракови