Профилот на мојот пратеник - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Профилот на мојот пратеник PDF Печати Е-пошта
Четврток, 28 април 2011 09:36

[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија (ИДСЦС) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), започнуваат низа на заеднички активности за Изборите 2011, кои вклучуваат набљудување на изборни програми и кампањи, на медиуми, на изборна администрација и на денот на гласање.

Профилот на мојот пратеник

Една од првите активности е истражувањето на јавното мислење за тоа каков треба да биде пратеникот за кој граѓаните би го дале својот глас. На денешната трибина (27 април 2011 г.) што се одржа во х. Турист беа презентирани и дебатирани резултатите од тоа истражување.

Анкетата покажа дека на граѓаните им е најважно пратеникот да биде чесен (71,6 %). Следни по важност вредности за граѓаните се одговорноста (30,6 %) и трудољубивоста 30,1 %). Вредности на кои граѓаните најмалку обрнуваат внимание кога се во прашање пратениците се заштитата на природата (1,9 %) и религиозноста (2,4 %).

Што се однесува до професија од која би сакале да дојде пратеникот, најголем број од граѓаните се изјасниле за пратеници кои имале самостојна професионална дејност (60,2 %), потоа лекари (33 %) и професори/наставници (30,1 %). Најмалку посакувана професија на пратеникот за граѓаните е спортист (2,9 %) и лице од шоу бизнисот (3,4 %).

Секој четврти граѓанин би гласал за кандидати од друга етничка заедница, а мнозинство (61,7 %) не би го направиле тоа. На граѓаните им е важно на пратеничките листи да има жени (51,8%) и млади луѓе до 27 годишна возраст (30,3%).

Секој четврти граѓанин нема да обрнува внимание на кандидатската листа и програмата и ќе гласа за партијата чиј симпатизер е, а мнозинство од граѓаните (74,6 %) ќе гласаат за било која партија врз основа на квалитетот на кандидатите и изборната програма.

Мнозинство од испитаниците (57,6 %) кажале дека би сакале да знаат кој од кандидатите на пратеничката листа се планирани за други владини (извршни) функции, а не за Парламентот. Речиси ист процент (57,4 %) не би сакале градоначалниците да бидат на пратеничките листи доколку не планираат по изборите да се ангажираат во Парламентот.

Граѓаните очекуваат идните пратеници да бидат чесни и професионални (одговорни, трудољубиви). За информирање на граѓаните и нивна одлука заснована на квалитет потребно е јавно претставување на кандидатите за пратеници преку јавни настапи и дебати и објавување на нивните биографии на веб страните на политичките партии. Меѓу кандидатите треба да бидат вклучени жени и млади, како и други етнички заедници и лица со хендикеп. Прашање е на фер и етичко однесување, транспарентноста во смисла „понуден кандидат – избран пратеник“ со објава на кандидатите кои по изборите се планирани за други владини (извршни) функции и одбегнување на кандидати кои не планираат по изборите да се ангажираат во Парламентот.

Истражувањето е направена преку телефонска анкета од страна Институтот за демократија на 26 април 2011 г. на репрезентативен примерок од 413 испитаници со +/- 5% грешка.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Профилот на мојот пратеник