Помалку политички непартиски активности и дарувања, умерена социјализација - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Помалку политички непартиски активности и дарувања, умерена социјализација PDF Печати Е-пошта
Петок, 22 април 2011 09:06

(Прес соопштение) МЦМС веќе објави дел од истражувањето за општествена одговорност на граѓаните. Целото истражување можете да го најдете на http://www.mcms.org.mk/mk/za-nasata-rabota/istrazuvana-i-publikacii/lista-na-istrazuvana-i-publikacii/1042-opstestvena-odgovornost-na-graganite-2011.html

Семејството и пријателите се најчестиот избор за дружење на граѓаните. Тие најмногу време поминуваат со пријателите ( 50,4 %) и со потесното или поширокото семејство (49,4 %). Иако сега, граѓаните одат почесто во верските храмови отколку во 2009 г., сепак оние кои тоа го прават редовно сè уште се малцинство (20,2 %).

Помладите, оние со повисоки примања и оние со завршено вишо или високо образование почесто се дружат со пријателите, колегите и повеќе време одвојуваат за спортски или рекреативни активности. Повеќе слободно време, повеќе пари или повисока свест, или пак сите заедно влијаат на одлуката да се одвои повеќе време за овие активности? Резултатот од нив секако ќе биде поголем социјален капитал, кој на подолги патеки може да се материјализира, според потребите.

Етничката и верската определба влијае на одвоеното време за пријателите, колегите и посетите на верските храмови. Етничките Албанци и припадниците на исламската религија одвојуваат повеќе време за дружење со пријателите, колегите и за посети на верски храмови отколку етничките Македонци и припадниците на православното христијанство. Разликите се движат од 9,8 процентни поени кај дружењето со колегите до 33 процентни поени кај посетата на верските храмови.

Мажите почесто се дружат со колегите и посетуваат верски храмови. Родовите разлики не се чест случај во истражувањата за општествената одговорност на граѓаните, но во овој случај тие се движат помеѓу 10,9 процентни поени кај дружењето со колегите и 8,1 процентен поен кај посетата на верски храмови.

Што се однесува до политичките непартиски активности, истражувањето покажа дека тие опаднале во однос на 2009 г. Мал до умерен е падот во сите четири области на истражувањето и се движи од 3,2 процентни поени кај бојкотот, 3,8 кај протестите, 5,9 кај граѓанскиот дневник до 6 процентни поени кај потпишувањето петиција.

Земјоделците се најактивни во политичките непартиски активности. Дури 51,9 % од нив учествувале на протести во последните пет години, тие најчесто го применуваат и бојкотот (22,2 %) и блокирањето патишта и објекти (18,5 %).

Оние со више или високо образование ги преферираат петициите како начин на искажување на задоволство или незадоволство (37 %), а оние со незавршено основно училиште, протестите (45,5 %) и бојкотот (31,8 %).

Истражувањето покажа дека има пад и кај добротворството. Опаднал бројот на оние кои дарувале во последните 12 месеци од 70,9 % во 2009 г. на 65,2 % во 2010 г.

На дарувањето влијае образованието, перцепцијата на граѓаните за тоа на која класа и припаѓаат и месечните примања во домаќинството. Процентот расте од оние со незавршено основно (27,3 %) до оние со вишо или високо образование (70,8 %), од пониската (42,2 %) кон високата класа (91,7 %) и од оние со примања меѓу 1500 и 3000 (51,3 %) до оние со над 24.000 (78,2 %). Кај месечните примања исклучок се најниски примања, до 1.500 МКД, каде дарувањето изнесува 72,7 %.

Мотивот за дарување најчесто е солидарноста и таа е зголемена во однос на 2009 г. за 12,1 процентен поен. Влијанието на образованието и на класите може да се забележи и овде. Бројот на вака мотивираните граѓани расте  од оние со незавршено основно (22,7 %) кон оние со више или високо образование (67,1 %) и од оние од пониската класа (39,4 %) кон оние од високата класа (91,7 %).

Приоритет за дарување е здравјето и здравството. Освен што во претходните 12 месеци најмногу дарувале за здравје и помош на болни (20,6 %), најголем број од испитаниците здравјето и здравството го навеле и како приоритетно поле за дарување (17,5 %).  Возраста влијае на дарувањето за ова приоритетно поле, кое расте од 7,4 % кај оние од 18 до 29 години до 15 % кај оние над 65 години. На второ место се хуманитарните цели со 14,2 % и 14,9 % како приоритетно поле за дарување. Демократијата, човековите права и владеењето на правото, антикорупцијта (1,8 %) и културата, уметноста и образованието (1,5 %) сè уште се на дното на листа на приоритети кај граѓаните.

Оваа година има јасна разлика меѓу општината (23,1 %) и месната заедница (17,5 %) како приоритетни нивоа на дарување.  Националното ниво се одржува во истите рамки како во 2009 г. Образованието, припадноста на одредени класи и местото на живеење влијаат на одговорите. Интересот на националното ниво расте од  9,1 % кај оние со незавршено основно до 19,7 % кон оние со вишо или високо или од 7,7 % кај оние од пониската класа до 25 %  кај оние од високата класа. Приоритетни нивоа се соодветни на големината на местото на живеење. Локалното е приоритет за оние кои живеат во руралните средини (23,6 %), општинското за оние од урбаните средина (30,5 %), а националното за оние кои живеат во Скопје (32,9 %).

Анкетата беше спроведена во декември 2010 г. на репрезентативен примерок од 1.050 испитаници од страна на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), чија одговорност беше и методолошката исправност на анкетата.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Помалку политички непартиски активности и дарувања, умерена социјализација