Ниска општа и стабилна доверба во институциите |
Среда, 09 Февруари 2011 13:53 | |||
[Прес соопштение] МЦМС спроведе повеќе истражувања за прашања од општествен интерес, меѓу кои и за општата доверба и довербата во институциите . Истражувањето покажа дека граѓаните имаат ниска општа доверба (9,7 %), а дека довербата во институциите е стабилна – индексот на доверба изнесува 41. Стабилноста е задржана, и покрај големиот пад во довербата во медиумите (53,6 % во 2008 г., на 40,4 % во 2010 г.) и умерениот пад на довербата во државата и во политичките партии, поради растот на довербата во граѓанскиот сектор и меѓународната заедница. Довербата во државниот сектор е стабилна и индексот на доверба изнесува 44,5. Довербата во правосудството во 2010 г. изнесува 30,4 % и е зголемена за 9,2 процентни поени во однос на 2008 г. Довербата во судиите изнесува 28,8 % и е зголемена за 8,1 процентни поени во однос на 2008 г. кога доверба во нив имале 20,7 %. Намалена е довербата во Владата и во медиумите. Владата има доверба од 36,8 %, што е намалување од 2008 и 2007 г. кога изнесува 51 %, односно 44,6 %, а е повисока од довербата во 2006 г. кога изнесува 26,6 %. Висока е довербата во ОН, во ЕУ и во НАТО и расте довербата во меѓународната заедница. Довербата во ОН, во ЕУ и во НАТО е слична, од 57,8 %, до 61,1 %. Довербата во меѓународната заедница е поголема за 6,3 процентни поени во однос на 2008 г. Довербата во микро-претпријатијата и банките е висока и изнесува 59,3 %. Довербата во големите претпријатија е порасната во 2010 г. за 5,1 процентен поен во однос на 2008 г. Мнозинство од граѓаните имаат доверба во „даскали, лекари и попови/ оџи“ односно во наставниците/ професорите, лекарите, свештените/ верските лица. Најмала доверба граѓаните имаат во судиите (28,8 %) и во цариниците (28,7 %). Ова и претходните истражувања покажале дека граѓаните на Македонија имаат повисока доверба во „сличните“, отколку општа доверба (доверба во „другите“ и „туѓите“). Етничката припадност и симпатизерите на политички партии се две социо-демографски карактеристики кои имаат најмногу влијание на довербата во институциите и секторите. Во ова и претходните истражувања етничките Албанци имале пониска доверба од етничките Македонци во институциите кои се перцепираат како „симболи“ на државата и националниот интерес како Претседателот на Републиката, Владата или пак Армијата. Од друга страна етничките Албанци имале повисока доверба од етничките Македонци во меѓународната заедница и „новите“ институции како политички партии, локална самоуправа и граѓанско општество. Во 2010 година има намалување на довербата и во овие институции и за првпат етничките Албанци имаат помала доверба од етничките Македонци. Истражувањето е спроведено со теренска анкета – интервјуа „лице в лице“ во домаќинствата во декември 2010 година на репрезентативен примерок од 1.300 испитаници од страна на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања (ИСППИ). Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Општа доверба и доверба во институциите.
|